Како Влада, во изминатиот период ги поставивме темелите. Сега е време тие темели да се надградат со систем што ќе гарантира резултати затоа што дојде времето Македонија да гради паметно, да инвестира стратешки и да испорачува конкретни резултати – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на седницата на Комитетот за јавни инвестиции.
Со формирањето на Комитетот, посочи, државата воспоставува нов, поцврст и поодговорен механизам за одлучување, кој не се води од импровизации, туку од јасни критериуми, визија и стратегија.
– Целта што ја поставуваме е јасна: секој денар од буџетот да биде насочен таму каде што создава најголема вредност. Таму каде што носи раст, отвора работни места и го подобрува квалитетот на животот. Времето на стихијно планирање заврши. Доаѓа време на систем, одговорност и резултати – рече Мицкоски.
Листата на проектни идеи, која денеска се разгледува, како што рече, е резултат на координиран пристап на повеќе институции и претставува силна основа за развој во клучните сектори.
– Во транспортот зборуваме за модерни железници, нови електрични локомотиви, реконструкција на делници и поврзување преку коридорите 8 и 10. Тоа значи побрз проток на стоки, подобра поврзаност и посилна економија. Во образованието продолжуваме со инвестиции во инфраструктурата на знаењето, со завршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Универзитетот „Мајка Тереза“. Затоа што иднината не се гради без силен образовен систем. Во здравството инвестициите во регионалните клинички болници во Тетово, Штип, Кичево значат подобра здравствена заштита, современи услови и достоинствен третман за секој граѓанин – наведе Мицкоски.
Во дигиталната трансформација, дополни, поставуваме темели на модерна држава преку воспоставувања владин податочен центар, сигурна мрежа и зајакната кибербезбедност. Тоа е основа за ефикасна, транспарентна и дигитална администрација. Во земјоделството и водостопанството инвестициите во системите, како Злетовица, Стрежево и ревитализацијата на водните ресурси, се инвестиции во стабилноста на производството и сигурноста на храната. Во енергетиката, преку проектите на АД ЕСМ, ја зајакнуваме енергетската независност со нови капацитети, обновливи извори на енергија, батериски системи и модернизација на постојната инфраструктура. Ова е борба за сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството.
– За секоја од овие проектни идеи, Министерството за финансии даде позитивно мислење за продолжување во следната фаза. Тоа значи дека се работи за сериозни, издржани и остварливи иницијативи. Но, токму тука започнува вашата најголема одговорност. Комитетот не е формалност. Комитетот е филтерот на квалитетот. Вашата задача е да ја утврдите листата на оценети и одобрени проектни идеи, која ќе биде основа за првата Конечна приоритетна листа на јавни инвестиции, порача Мицкоски.
Со Комитетот за јавни инвестиции претседава министерот за финансии, а во неговиот состав се вклучени сите ресорни министри, што треба да овозможи одлуките да се носат врз основа на консензус и темелна анализа на предлозите.
Формиран врз основа на Законот за буџетите, Комитетот за јавни инвестиции работи во согласност со уредбата за управување со јавни инвестиции.
