Лука Модриќ претрпе сериозна повреда по случаен, но жесток судир глава со глава со Мануел Локатели. Прегледите потврдија фрактура на јаболчницата, за која Модриќ ќе мора да се оперира, објавува италијанскиот Скај Спорт.
Судирот се случи во 76-тата минута од натпреварот на средината од теренот. Модриќ и капитенот на Јувентус се судрија со главите, по што хрватскиот фудбалер остана да лежи. Лекарската служба веднаш му помогна, но видливо зашеметениот Модриќ мораше да ја напушти играта.
Во 79-тата минута, Јашари го замени, а тој го напушти теренот со облога со мраз на лицето.
Милан, исто така, објави официјално соопштение за сериозноста на повредата.
„Прегледите извршени денес покажаа фрактура на левата јаболчница за која е потребна операција. Операцијата е закажана за следните неколку часа, а повеќе детали ќе бидат објавени по процедурата“, се вели во соопштението на клубот.
Скај Спорт додаде дека операцијата „можеби се одвива токму сега“, а потоа ќе се знае повеќе за закрепнувањето на Модриќ.
Клупската сезона најверојатно е завршена за него, но се очекува настапот на Светското првенство да не е доведен во прашање, со оглед на тоа што Модриќ би можел да игра со заштитна маска.
