Грчкиот парламент гласаше за одземање на имунитетот на тринаесет пратеници од владејачката партија осомничени за вмешаност во скандал со проневера на европски земјоделски субвенции, што го чинеше Брисел десетици милиони евра. Ова несомнено е тежок удар врз политичкиот систем на земјата, но и врз имиџот на институција која треба да ги штити јавните интереси.
Самиот факт што парламентот, за прв пат во својата историја, се соочи со покренување постапка за одземање на имунитетот на пратениците од владејачката партија, покажува длабока криза на доверба меѓу граѓаните и властите и претставува сериозен политички товар за премиерот Киријакос Мицотакис, чија влада ветуваше модерна, ефикасна и транспарентна држава, додека во пракса јавноста се соочува со скандали, обвинувања, институционални скандали и политички личности под сомнение за проневера, што го поткопува целиот парламентарен поредок.
Без оглед на тоа како гласаше парламентот, колку раце беа „за“, сето ова е морален срам за владата која се најде во ситуација каде што, поради 13 пратеници и министри кои веќе се разрешени, мора да покрене невидена парламентарна постапка. Во низата скандали што неодамна ја потресоа Грција, ова е само уште еден доказ дека системот не успеал да се исчисти, како што призна и самиот Мицотакис.
Гласањето и одлуката следеа по разгледувањето на барањето и доказите доставени до грчкиот парламент од страна на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител, која смета дека постојат основи за кривично гонење, што, инаку, беше невозможно без укинување на имунитетот. Во пракса, со оглед на тоа што ова е почеток на правен процес, иако пратениците се под истрага, ова не значи нивна политичка дисквалификација…Партијата може, но и не мора да ги отстрани од списокот, тие можат да останат на функција до крајот на нивниот мандат, а водењето на кривичната постапка не влијае на нивната кандидатура на следните избори.
Укинувањето на имунитетот само значи дека пратеникот повеќе нема посебна заштита од кривично гонење, што значи дека може да биде испитан, повикан на сослушување, обвинет или осуден како и секој друг граѓанин. Во Грција, како и во повеќето европски земји, пратеникот го губи правото да се кандидира само ако има правосилна пресуда што предвидува губење на политички права или забрана за вршење јавна функција или осуда за сериозно кривично дело.
Мицотакис побара од Канцеларијата на европскиот јавен обвинител да не ги „држи 13-те пратеници како заложници“, туку да ја утврди нивната одговорност што е можно поскоро. Некои членови на владејачката партија Нова демократија дури ja обвинија Канцеларијата на европскиот јавен обвинител за политички игри и некомпетентност, додека министерот за здравство Адонис Георгијадис нагласи дека нивните одлуки „не можат да бидат над Грчката Република и народот“.
И целиот овој отпор, и покрај фактот дека поради лошите резултати на ОПЕК, Агенцијата за распределба на европски земјоделски субвенции и низа очигледни измами со лажна документација во врска со сопственоста на пасишта и стада, Брисел веќе ја казни Грција со 390 милиони евра, за што приложи детална документација. Како резултат на тоа, неколку министри се сменети, а Мицотакис мораше брзо да ја реконструира владата.
На целата ситуација ѝ се дава посебна тежина поради фактот што иницијативата за укинување на имунитетот и покренување постапка дојде од Европското јавно обвинителство, што значи дека тоа повеќе не е внатрешнополитичко прашање, туку европски институционален скандал.
За Мицотакис, ова е можеби најопасната фаза од неговиот мандат, бидејќи ваквите настани ја менуваат целокупната атмосфера во општеството, тие претставуваат удар врз сликата за стабилност и контрола. Ударот не е правен, туку е морален и политички, бидејќи гласањето во парламентот не беше само прашање на имунитет, туку и еден вид референдум за политичката одговорност и кредибилитетот на владата. Анкетите во моментов покажуваат дека 57 проценти од граѓаните поддржуваат предвремени избори, што укажува на општествено расположение против статус кво, но без преовладувачки став против Мицотакис засега, бидејќи поделената опозиција, која исто така ги застапува, не е убедлива алтернатива.
