Иранската револуционерна гарда (ИРГК) се закани дека ќе го запре производството на нафта на Блискиот Исток доколку Иран се соочи со напади од своите соседи од Заливот.
– Јужните соседи треба да знаат дека ако нивната територија и објекти бидат искористени од непријателот за напад врз иранската нација, тие можат да се збогуваат со производството на нафта на Блискиот Исток, изјави командантот на воздухопловните сили на ИРГК, Маџид Мусави.
Соопштението доаѓа на последниот ден од двонеделното примирје со кое се запре 39-дневната американско-израелска агресија против Иран.
Пакистан претходно соопшти дека примирјето ќе истече во вторник во 23:50 часот по Гринич, додека Иран соопшти дека ќе трае околу 24 часа или до среда. Понатамошните мировни преговори меѓу САД и Иран во Исламабад остануваат неизвесни. Иран ја објави својата конечна одлука да не испрати делегација на мировните преговори во Исламабад во среда, велејќи дека тоа е „губење време“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го продолжи примирјето, на барање на Пакистан како медијатор, сè додека иранските претставници не можат да презентираат унифициран предлог.
