Шест члена на екипажот се водат како исчезнати откако брод што пловел под американско знаме се преврте за време на ударот на тајфунот „Синлак“ во Тихиот Океан, објави денес американската крајбрежна стража.
Крајбрежната стража соопшти дека сè уште бара шест члена на екипажот, објави CBS News.
Според извештаите, превртениот брод првпат e забележан во саботата. Меѓу остатоците бил делумно потопен сплав за спасување што бил виден 95 наутички милји североисточно од бродот.
Екипажот на HC-130 Херкулес од 31-та спасувачка ескадрила на воздухопловните сили на САД потврдил дека превртениот брод бил товарниот брод „Маријана“.
Крајбрежната стража распоредила спасувачи, нуркачи и чамци за пребарување. Воздухопловните екипи на крајбрежната стража продолжиле со потрагата по шесте морнари во близина на Северните Маријански Острови.
Досега, Гардата и крајбрежните стражи од Гуам, Јапонија и Нов Зеланд поминале над 75.000 квадратни наутички милји, се вели во соопштението.
„Маријана“, 43-метарски брод за сув товар регистриран во САД, доживеа дефект на моторот во средата кога тајфунот удри во Сајпан и блиските острови. Екипажот пријави дека десниот мотор на бродот се исклучил и дека му е потребна помош.
Контактот со бродот беше изгубен во четврток, а авион HC-130 полета тоа утро за да пребарува, но се врати во Гуам поради силни ветрови.
Последната позната позиција на „Маријана“ беше околу 225 километри северозападно од Сајпан и околу 6.800 километри западно од Хаваи. Тајфунот „Синлаку“ предизвика поплави, однесе покриви и преврте автомобили на Сајпан, предизвикувајќи значителна материјална штета на Северните Маријански Острови, јавува Танјуг. Тајфунот донесе ветрови до 240 километри на час, што е еквивалентно на категорија 4, според Националната метеоролошка служба.
