Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Осомничените заеднички вршеа недозволен транспорт на околу 65 килограми марихуана, а се откриени на наплатната рампа „Стоби“, во близина на Градско, извести ОЈО.
„Првиот осомничен, 38-годишен скопјанец, со автомобил ја пренесуваше дрогата спакувана во четири големи црни патни торби. Вториот, 55-годишен жител на Кавадарци, во улога на „чистач” односно претходница со друго возило имаше задача да предупреди за евентуални контроли. На наплатната рампа полициски службеници забележаа сомнително движење на автомобилот во кој била дрогата, а возачот на даден знак да застане за легитимирање, со голема брзина се даде во бегство кон Градско. Сепак, полицајците успеаа да го стигнат и извршија преглед на возилото каде ја пронајдоа марихуаната. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен“, велат од ОЈО.
