Попладнево, Иран испали десетина балистички ракети кон Израел, што претставува еден од најжестоките напади во последните недели, а се случи непосредно пред еврејскиот празник Пасха. Израелските одбранбени сили (ИДФ) го потврдија лансирањето и активираа системи за противвоздушна одбрана за да ги пресретнат ракетите, пишува The Jerusalem Post.
Војската ја повика јавноста да се однесува одговорно и да ги следи безбедносните упатства, нагласувајќи дека „ова спасува животи“. Според првичните информации од службата за итни случаи Маген Дејвид Адом (МДА), во последниот напад немало физички повреди, но неколку лица биле третирани поради анксиозност. Снимките објавени од МДА покажуваат голема материјална штета на погодените згради низ централен Израел.
Reports from Kiryat Shmona:
Minor injuries from rocket attack pic.twitter.com/xcBpUqizbC— Magen David Adom (@Mdais) April 1, 2026
Во посебен инцидент, организацијата за спасување ЗАКА објави дека 25-годишен маж починал откако ја изгубил свеста за време на сирените во Рамат Ган. Сè уште не е познато дали неговата смрт е директно поврзана со ракетните предупредувања.
Портпаролот на ИДФ, бригаден генерал Ефи Дефрин, предупреди претходно денес за можноста за координиран напад врз Израел за време на празникот Пасха. Иранските напади често се темпираат ноќе или за време на викендите, што израелските власти го сметаат за намерна стратегија насочена кон зголемување на психолошкиот притисок, нарушување на секојдневниот живот и ширење немири меѓу цивилното население.
Пред овој напад, шеснаесет лица, меѓу кои и неколку деца, беа ранети од шрапнели од ракети што паднаа во областа на централен Израел. Според податоците на MDA, во последните 24 часа нивните тимови лекувале вкупно 72 лица, од кои 50 со физички повреди, а 22 поради анксиозност.
