Канцеларот Фридрих Мерц изјави дека Германија е подготвена да поддржи меѓународна мисија за обезбедување на Ормутскиот теснец, но само откако ќе заврши војната меѓу САД и Израел со Иран.
– Сакам да испратам јасен сигнал дека сме подготвени да помогнеме. Но, за да се случи тоа, борбите мора да престанат, рече Мерц, нагласувајќи дека Германија ќе се приклучи на таква мисија само со меѓународен правен мандат.
Германскиот канцелар ги поздрави сигналите од Вашингтон што укажуваат на подготвеност за деескалација.
„Особено сум благодарен што американскиот претседател синоќа испрати сигнал дека и тој е подготвен да ги запре борбите“, рече тој, иако истакна дека тоа ќе бара од Иран да се откаже од својата нуклеарна програма и нападите врз своите соседи и да се вклучи во преговори.
„Ако сето ова е можно во наредните денови, тогаш се движиме во вистинската насока. Но, ќе се соочуваме со овие предизвици уште долго време“, рече Мерц.
Тој додаде дека Германија останува во близок контакт со регионалните партнери и земјите од Заливот во врска со најновите случувања.
