Трамп им се обрати на Курдите и побара помош во војната со Иран

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата телефонски разговараше со курдските лидери во Ирак за американско-израелската војна со Иран и можните понатамошни случувања, потврдија за американскиот портал „Аксиос“ три извори запознаени со повиците.

Трамп контактирал со лидерите на двете главни курдски фракции во Ирак – Масуд Барзани и Бафел Талабани – еден ден откако започна бомбардирањето во саботата, објавува „Аксиос“.

Курдите имаат илјадници борци по должината на границата меѓу Ирак и Иран и контролираат стратешки области што би можеле да станат клучни во понатамошниот тек на војната. Покрај тоа, ирачките Курди одржуваат блиски врски со курдското малцинство во Иран.

Телефонските повици следеа по месеци лобирање од страна на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој го повика Трамп да го нападне и да го промени режимот во Иран. Израел со децении има блиски безбедносни, воени и разузнавачки врски со Курдите во Сирија, Ирак и Иран.

Еден функционер изјави: „Преовладувачкиот став, а тоа е секако ставот на Нетанјаху, е дека Курдите ќе „излезат од сенките“… дека ќе се побунат“.

Нетанјаху прв ја изнесе идејата за вклучување на Курдите на состанокот со Трамп во Белата куќа.

„Кога првпат дојде и седеше со Трамп со часови, се чинеше дека Нетанјаху сè сфатил“, рече еден функционер.

„Тој имаше подготвен наследник. Знаеше сè за Курдите: што се двете групи, каде се. Исто така, знаеше колку луѓе ќе се кренат во востание“, додаде тој.

Кога беше директно прашана за повиците на Трамп до Курдите, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, одби да коментира за деталите.

„Претседателот Трамп беше во контакт со бројни сојузници и партнери во регионот во последните денови“, изјави таа за Аксиос.

Во неделата, Курдската партија за слобода, опозициска група на ирански Курди со седиште во ирачки Курдистан, го обвини Иран за кампања на одмазда со ракетни напади и напади со беспилотни летала. Шест дена пред почетокот на војната, пет дисидентски курдски групи кои дејствуваат од Ирак објавија формирање на Коалицијата на политички сили на ирански Курдистан за борба против Иран.

Курдите се најголемото етничко малцинство во Ирак и едно од најголемите во Иран и често се опишуваат како најголем народ во светот без своја држава. Нивната татковина се протега низ југоисточна Турција, северна Сирија, северен Ирак и северозападен Иран. По американската инвазија на Ирак во 2003 година и соборувањето на Садам Хусеин, Курдите воспоставија автономен регион на северот од земјата. Нивните борци, познати како „пешмерги“ – што значи „оние што се соочуваат со смртта“ – имаат децениско борбено искуство стекнато во конфликтите во Ирак и против ИСИС во Сирија.

Вклучувањето на искусни борци на терен би додало клучна димензија на воздушната кампања меѓу САД и Израел. Слична стратегија беше користена од САД во војната во Авганистан во 2001 година, кога со силна воздушна поддршка овозможи напредување на борците од етничките малцинства на терен за да помогнат во соборувањето на талибанскиот режим.

Проблем во овие планови би можел да биде непријателскиот однос на Курдите со Турција, која е американски сојузник и членка на НАТО.

„Претседателот разговара со сите. Разговара со курдските лидери. Разговараше и со турскиот претседател Ердоган“, рече еден извор.

Најавата за формирање на Коалицијата на политички сили на ирански Курдистан минатата недела, исто така, ги зголеми тензиите со протераната група предводена од поранешниот ирански престолонаследник Реза Пахлави.

Иако американските претставници веруваат дека Нетанјаху можеби го преценил бројот на Курди кои би биле подготвени да се борат против Иран, тие нагласуваат дека овој број „не е занемарлив“.

„Каква би била нивната улога во војната или повоениот Иран е прашање кое е надвор од моите овластувања“, заклучи еден претставник.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Нуклеарна катастрофа на повидок; Повеќе од 600 Руси заробени во нуклеарна централа во Иран

ВИДЕО: Погоден аеродромот во Техеран, патнички авион во пламен

ВИДЕО: Се урна покривот на американската амбасада во Ријад

Предраг Петровиќ

Црвена полумесечина: Речиси 800 убиени во израелско-американските напади врз Иран

Лавров: Нема докази дека Иран развива нуклеарно оружје

„Фајненшл тајмс“: Иранците преку техеранскиот „Сејф сити“ го извршија атентатот врз Хамнеи