Меѓународна криминална мрежа која переела милиони евра од трговија со кокаин за италијанските мафијашки групи Камора и Ндрангета е разбиена по долготрајна финансиска истрага координирана од Европол.
Според соопштението, мрежата функционирала преку фиктивни компании, лажни фактури и вложувања во луксузни недвижности и возила, со цел средствата стекнати од кокаин да бидат легализирани и повторно инвестирани во европската економија. Истражителите ја следеле трагата на парите низ повеќе држави, откривајќи поврзаност со голема рута за транспорт на кокаин од Јужна Америка кон Европа.
Истрагата ја водела француската жандармерија во соработка со италијанските карабинери и швајцарските федерални власти, а во координација со Евроџаст бил формиран Заеднички истражен тим уште во 2024 година. Поддршка обезбедиле и безбедносните служби од Белгија, Германија, Бугарија и Еквадор.
Во фокусот на истрагата бил црногорски државјанин, високо позициониран на листата на барани лица на Европол, кој живеел во регионот на Кан, Франција. Тој и негови блиски соработници се сомничат дека координирале финансиски трансакции поврзани со поморски пратки кокаин кон клучни европски пристаништа.
Во координирана акција спроведена во Франција, Италија, Белгија и Швајцарија уапсени се седум лица. На Француската ривиера се запленети луксузни автомобили и недвижности вредни повеќе од пет милиони евра.
Според истражителите, голема заплена на кокаин од страна на белгиските царински служби кон крајот на 2025 година била пресвртна точка што довела до целосно разоткривање на мрежата. Истрагата продолжува со цел утврдување на целосниот обем на финансиските трансакции и евентуалните дополнителни соработници.
