Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави за време на состанокот во Пекинг со германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Кина и Германија треба да бидат „сигурни партнери кои се поддржуваат едни со други“, да обезбедат стабилност на глобалните синџири на снабдување и да бидат „бранители на слободната трговија“.
Си нагласи дека Кина ја поддржува независноста на Европа и изрази надеж дека Европа ќе соработува со Кина во иста насока за зачувување на стратешкото партнерство меѓу двете страни, објави Ројтерс.
Двајцата лидери разговараа и за моменталната ситуација во Украина, при што Си нагласи дека „клучот“ за решавање на конфликтот е да се истрае во дијалогот и преговорите. Според него, „треба да се обезбеди еднакво учество на сите страни во решавањето на кризата во Украина“.
Си, исто така, ја повика Германија да ја гледа Кина „објективно“ и да поддржува позитивни политики кои ќе придонесат за меѓусебно партнерство, особено во иновациите и технологиите како што е вештачката интелигенција.
Мерц, кој е во прва официјална посета на Кина откако ја презеде функцијата, рече дека сака да ги прошири економските и дипломатските односи меѓу Германија и Кина, но исто така ја нагласи потребата од тесна соработка меѓу Европската Унија и Кина.
„Придавам големо значење на одржувањето и продлабочувањето на овие односи секаде каде што е можно. Ние ја споделуваме одговорноста во светот и треба да ја исполниме оваа одговорност заедно“, рече Мерц за време на состанокот со кинескиот премиер Ли Кечијанг, додавајќи дека постои голем потенцијал за понатамошен раст во двете економии, пренесува ARD.
Тој истакна дека за таа цел се неопходни отворени канали за комуникација, а потоа најави состаноци на надлежните министри во наредните месеци.
Кинескиот премиер Ли Кечијанг ја повика Германија да соработува со Кина за да ја заштити глобалната слободна трговија во контекст на царинскиот спор со САД. Со оглед на унилатерализмот и протекционизмот во некои земји и региони, Ли повика на зајакнување на довербата во соработката и заедничка поддршка за мултилатерализмот и слободната трговија.
По состанокот, во присуство на Ли и Мерц, беа потпишани пет меѓудржавни договори, а двете страни се согласија да продолжат со соработката во борбата против климатските промени и болестите кај животните.
