Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес побара од американскиот претседател Доналд Трамп и САД да „останат на страната“ на Украина, која се бори, како што рече, против еден човек, рускиот претседател Владимир Путин.
– Тие мора да останат на страната на демократска земја која се бори против еден човек. Затоа што овој човек е војна. Путин е војна. Сè се врти околу него. Сè се врти околу еден човек. И целата негова земја е во затвор, рече Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.
Тој рече дека САД се премногу големи и премногу важни за да се повлечат од конфликтот.
Тој исто така рече дека се надева оти Трамп, за време на неговото обраќање за состојбата на Унијата денес, ќе ја поддржи Украина додека се бори против Русија на Путин.
На прашањето дали мисли дека Трамп врши доволен притисок врз Путин, Зеленски рече не.
– Ако навистина сакаат да го сопрат Путин, Америка е доволно силна за да го стори тоа, рече украинскиот претседател.
Зеленски, исто така, рече дека безбедносните гаранции остануваат камен на сопнување во преговорите, особено прашањето како би реагирале сојузниците на Украина доколку Русија повторно ја нападне Украина во иднина.
Тој рече дека постојано бил уверен дека Русија едноставно нема да започне уште една војна.
„Тоа не е одговор за мене. Извинете“, рече Зеленски.
Тој рече дека имало и несогласувања околу редоследот на чекорите кон мир.
Трамп сака Зеленски да потпише мировен договор со Русија и договор со Соединетите Американски Држави и европските земји што би обезбедиле безбедносни гаранции за Украина, сите во исто време, идеално на голема церемонија по повод завршувањето на војната.
Но, Зеленски инсистира дека безбедносните гаранции прво мора да бидат договорени и ратификувани од Конгресот на САД, објави Си-Ен-Ен.
