Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова смета дека народните правобранители ги штитат правата на граѓаните кога тие се повредени од државната и јавната администрација, а дека немаат надлежност над работата на министрите. Треба, вели таа, да се научиме дека постојат две интерпретации на Уставот и законите, судска и научна, и оти тие не треба да се интерпретираат партиски, што, како што истакна, за жал, кај нас често се случува.
– Не се осмелувам да коментирам други институции, но за Народниот правобранител во рамките на мојата професија, се разбира, знам многу нешта. Народните правобранители се трибуни на граѓаните од браќата Гај до денеска, кои ги штитат нивните права кога се повредени од државната и од јавната администрација. Тие немаат надлежности во поглед на министрите, морам да потенцирам, и се разбира, кога постапуваат, треба да се држат до Уставот и до законот, изјави таа одговарајќи на новинарско прашање за тоа што Народниот правобранител отворил предмет за попречување на полагањето на правосудниот испит на албански јазик.
Таа додаде дека не коментира, бидејќи не знае што значи тоа отварање постапка точно, и не го видела конкретниот пример, но, смета дека е добро да научиме дека постојат два вида на интерпретација на Уставот и на законите.
– Едната е судската интерпретација, а другата е научната. За жал, кај нас доминира партиската интерпретација на законите. Понекогаш во таа интерпретација дури се постапува како квази уставен суд. Значи, оценката на уставноста на законите и на другите општи акти ја дава Уставниот суд, а не низ нашите интерпретации, рече македонската претседателка во одговор на новинарски прашања по завршување на настанот за одбележување на мајчиниот јазик.
Народниот правобранител самоиницијативно отворил предмет за попречување на полагањето на правосуден испит на албански јазик. Министерот за правда Игор Филков претходно во однос на полагањето на правосудниот испит на албански јазик изјави дека испитот, според сегашните законски решенија, може да се полага само на македонски јазик, а сите други барања ги оцени како притисок.
