ВИДЕО: Свлечишта, поплавени куќи низ земјава, најалармантно е во Кичево

Од:

Обилните врнежи од дожд предизвикаа сериозни проблеми во повеќе делови од земјава, со поплавени домови, излевање на реки и свлечишта. Екипи на општините, противпожарните служби и институциите за заштита и спасување непрекинато интервенираат на критичните точки во Скопскиот, Кумановскиот, Тетовскиот, Гостиварскиот и Охридско-кичевскиот регион.

Според вонредните информации на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 17 часот, во скопската општина Сарај се преземени координирани активности по поплавите во селата Буковиќ и Семениште. На терен интервенираат екипи од Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ и Дирекцијата за заштита и спасување, со цел расчистување и одводнување на зафатените подрачја.

Во Кумановскиот регион, реката Слупчанка излезе од коритото во селото Опае, при што е зафатен дел од населеното место, а најмногу се поплавени земјоделски површини. Излевање е регистрирано и кај селото Оризаре. Засега нема пријави за материјални штети од жителите, освен на земјоделските површини. Во Кратово и Крива Паланка не се евидентирани поплави.

Интензивните врнежи во Тетовскиот регион предизвикаа свлечишта и проблеми со одводните канали. Сообраќајот е во прекин на патниот правец Тетово – Џепчиште поради свлечиште, додека патот кон Једуарце е повторно оспособен. Затрупани канали се расчистуваат во Шемшево и на правецот Требош – Јажинце. Патот кон Попова Шапка е прооден, но со отежнат сообраќај, а од утринава е воведена забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси. Од ЦУК информираат дека засега нема опасност од излевање на поголемите водотеци.

Во Гостиварскиот регион се пријавени повеќе поплавени куќи, подруми и стопански објекти во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во селото Беловиште спасени се лица заглавени во поплавен објект. Во Форино е регистрирано излевање на Вардар со ризик за блиските куќи, поради што е ангажирана механизација за расчистување на речното корито. Од ЦУК посочуваат дека дел од интервенциите се одвиваат во отежнати услови поради ограничени технички ресурси.

Во Охрид состојбата е стабилна и нема пријави за поплави. Спротивно на тоа, во Кичево по излевањето на Зајашка река се поплавени повеќе куќи и дворови, а дополнително се пријавени околу 30 оштетени домови. Евакуирани се стари и изнемоштени лица и деца од загрозените објекти.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, изјави дека состојбата во сите региони се следи континуирано во координација со надлежните институции.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Поплавени куќи во селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај

Катерина Ѓуровски

Мајка и две деца заглавени во една од полавените куќи во Гостиварско

(ВИДЕО) Поплава во Кичево: Евакуирани околу 200 луѓе, под вода и објекти на болницата

Катерина Ѓуровски

Дел од автобусите на приградските линии на ЈСП не одат до крајните дестинации

Уште се поплавени домови, дворови, имоти, евакуираните во Кичево и натаму се во спортската сала

Катерина Ѓуровски

ЦУК: Поплавени се ниви, дворови, куќи и магацини, регистрирани се мали одрони на одредени патни правци