Пратеничката од Левицa, Јована Мојсоска, преку социјалните мрежи повторно потсети дека болните од хемофилија повеќе од половина година се оставени без неопходниот лек „фактор 8“, заради нераспишан тендер, што доведува до нивна животозагрозувачка состојба.
Таа им се обрати и на министерот за здравство, Азир Алиу и на директорот на Институтот за трансфузиона медицина, Амир Елези потсетувајќи ги дека пред три недели на седница на пратенички прашања било кажано дека лицата со хемофилија конечно ќе го добијат толку потребниот лек „фактор 8″.
„Повеќе од пола година директоре Елези, лицата со хемофилија живеат отежнато, легнати во кревет, под секое човечко достоинство – затоа што ја чекаат вашата милост да го распишете тендерот за овој лек кој за нив живот значи“, вели Мојсоска и додава дека вчера добила повик од лице со хемофилија, кое половина година е врзано во кревет затоа што не ја добива потребната доза на лекот.
„Лицето веќе трпи болки поради неажурноста и немарноста на вашата институција. Дали почитувани министри и директори, можете за момент да ја доживеете голготата која овие лица ја преживуваат – дали можете да сочувствувате со стравот и неизвесноста на лицата кои се во исчекување на лек за да можат нормално да функционираат“, прашува пратеничката.
Понатаму, во своето обраќање, таа додава дека е нечовечно и сурово овие лица да молат за лек во држава која троши милиони на авокадо и аспарагус.
„И моето клучно прашање е: кој ќе ја сноси одговорноста доколку дојде до животно-загрозувачки последици кај овие лица, само поради пролонгирање на тендерот повеќе од пола година?“, завршува Мојсоска.
