Швајцарскиот женски хокеарски тим на Олимписките игри 2026 година е итно ставен во изолација откако една од играчките беше позитивна на норовирус, соопшти Швајцарската хокеарска федерација (SHF).
Позитивниот случај е откриен по натпреварот со Чешка, кој Швајцарија го доби со 4:3, а непосредно пред церемонијата на отворање на Игрите. Заразената хокеарка веднаш е изолирана, а целиот тим е ставен во карантин како мерка на претпазливост, по препорака на медицински експерти. Засега не се идентификувани други заразени во тимот.
Поради карантинот, Швајцарките ја пропуштија церемонијата на отворање и ќе мора да го одложат следниот натпревар против Канада, закажан за вечерва од 21:10 часот.
Ова е втор случај на норовирус на Олимпискиот турнир во женски хокеј. Претходно вирусот беше откриен во тимот на Финска, што доведе до одложување на нивниот натпревар против Канада.
Швајцарската федерација истакна дека ќе продолжи да ги следи здравствените состојби на хокеарките и дека ќе ги преземе сите потребни мерки за безбедност на спортистите.
