ССМ бара платите на пратениците да се врзуваат за минималната плата и да се намалат за 40%

Од:

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица, со која бара нивните плати да се пресметуваат врз основа на минималната плата, наместо на просечната плата во државата.

Иницијативата е донесена врз основа на одлука на Претседателството на ССМ од 3 февруари 2026 година и е поднесена до овластените предлагачи согласно член 71 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со предлог-измените, ССМ бара членот 11 од законот да се измени, така што основица за пресметување на платата на пратениците и функционерите да биде минималната плата во државата, според податоците на Државниот завод за статистика. Дополнително, синдикатот предлага сите коефициенти за пресметка на нивните плати и надоместоци да се намалат за 40 отсто.

Од ССМ велат дека иницијативата се темели на уставните принципи на еднаквост, недискриминација и правна сигурност, како и на меѓународните трудови стандарди и европските документи за социјални права.

„Доколку минималната плата, според анализите на Владата и на работодавачите, е доволна за задоволување на основните животни потреби на граѓаните, тогаш истиот принцип треба да важи и за функционерите и пратениците“, наведуваат од ССМ.

Синдикатот потсетува дека во 2023 година со Владата бил потпишан Општиот колективен договор за јавниот сектор, со кој платите на вработените требаше да се градат врз основа на просечната плата, по примерот на законското решение за платите на функционерите. Сепак, според ССМ, Владата не го почитувала договорот, не ги уредила платите согласно договореното и дополнително бара укинување на ваквото право на работниците.

„Затоа бараме истиот принцип да важи и за избраните и именуваните лица. Ако за работниците важи минималната плата, тогаш таа треба да биде основица и за платите на функционерите“, порачуваат од ССМ.

Би можело да ве интересира

Од 10 февруари ССМ започнува со блокади

Дурмиши: Нема да донесеме одлука со која ќе се зголемат платите на функционерите

Влада: Средбата со УПОЗ е закажана за четврток, не знаеме кого чекал Трендафилов

Трендафилов: Денеска паднаа маските, се потврди дека зголемувањето на платите не е приоритет за Владата

Мицкоски: Понудата до синдикатот е на маса една година, но мора да се преговара делот за плати во Општиот колективен договор

Манасиевски: Трендафилов призна дека СДСМ и Левица стојат зад протестите на ССМ

Катерина Ѓуровски