Центарот за управување со кризи информира за актуелната состојба со врнежите од снег и проодноста на патиштата по региони до 09:00 часот.
Битолски регион
Во Општина Крушево, на регионалниот пат Крушево – Пуста Река, кој е пат од втор приоритет, ќе се интервенира во претпладневните часови. Патот во моментов е прооден за теренски возила и за возила со соодветна зимска опрема.
Во Општина Демир Хисар, поради дефект на електричната мрежа, без електрична енергија се корисниците во селото Големо Илино. Екипите на ЕВН се на терен и работат на отстранување на дефектот.
Охридски регион
Во Општина Кичево, патните правци кон планинските села сè уште се чистат, а надлежните служби очекуваат тие да бидат целосно расчистени во текот на денот.
Штипски регион
Во Општина Виница, на повисоките населени места е забележана појава на голомразица, поради што се препорачува внимателно управување со возилата.
Кумановски регион
Во Општина Ранковце, во текот на денешниот ден ќе се работи на расчистување на патните правци кон селата Герман и Огут.
Скопски регион
Од ЈСП Скопје информираат дека мал број автобуси од приградските линии не сообраќаат до крајните дестинации. Станува збор за автобусите на линиите со броеви 11, 64, 74, 80 и 81.