Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Киев интензивно работи со Соединетите Американски Држави на подготовка на документи кои треба да придонесат кон завршување на војната во Украина. Изјавата доаѓа по брифингот од Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, кој неодамна престојуваше во Вашингтон.
Зеленски информира дека украинската делегација одржала повеќе рунди разговори со претставници на американскиот претседател Доналд Трамп, при што фокусот бил ставен на безбедносните прашања и актуелната состојба на теренот.
– Во тек е изработка на документи неопходни за завршување на војната. Особено е важно американската страна да биде целосно информирана за состојбата во Украина и за континуираните руски напади врз нашата енергетска инфраструктура, изјави Зеленски.
Рустем Умеров соопшти дека заедно со шефот на претседателската администрација Кирил Буданов и лидерот на парламентарната партија „Слуга на народот“, Дејвид Арахамија, поминал два дена во интензивни разговори со американските претставници. На состаноците присуствувале специјалните пратеници на Трамп, Стивен Виткоф и Џаред Кушнер, секретарот на американската армија Даниел Дрискол, како и функционерот на Белата куќа Џош Груенбаум.
„Разговаравме за економскиот развој и просперитетот на Украина, како и за конкретни механизми за безбедносни гаранции. Американските партнери беа детално информирани за последните руски напади врз енергетската инфраструктура“, изјави Умеров.
Двете страни се согласиле консултациите да продолжат на експертско и тимско ниво, а следната фаза од разговорите се очекува да се одржи на маргините на Светскиот економски форум во Давос.