Јован Деспотовски преку социјалните мрежи објави видео од телевизиско гостување и порача дека актуелното однесување на раководството на СДСМ не ги одразува вредностите и традицијата на партијата.
„Ова не е однесување на мојата матична партија, туку на поединци кои моментално ја раководат, спротивно на нејзините вредности. Штетата не е лична, туку штета за целата партија“, напиша Деспотовски, додавајќи дека ќе бара одговорност од сите кои, како што вели, го нарушуваат неговиот углед и го дискредитираат СДСМ.
По неговата објава, експресно реагираше СДСМ со остро соопштение, во кое Деспотовски беше обвинет дека дејствува во корист на политички противници на партијата. Од СДСМ наведуваат дека неговите јавни настапи претставуваат, како што велат, продолжение на координирани напади врз партијата, токму во период кога, според нив, СДСМ се стабилизирала и добила поддршка од јавноста за борбата против криминалот и корупцијата.
Во реакцијата се посочува дека партијата е отворена за внатрешен дијалог, но дека, како што наведуваат, јавните напади преку медиуми не придонесуваат за демократска расправа во рамки на СДСМ.
„Политичкиот фронт е јасен. СДСМ ќе продолжи со борбата против криминалот и корупцијата и нема да дозволи дестабилизација“, се вели во соопштението на партијата.
