Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека изврши корекција на доставената предлог одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме.
Од 1 јануари 2026 година наместо предложеното зголемување од 7,66 % што ЕВН ХОМЕ го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45 % . Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87%, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54%. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32% иако беше предложено да има зголемување од 9,63% и во четврт блок зголемувањето е 3,84 %, наместо предложените 11,86%, информираат од Регулаторна.
– Во однос на евтината тарифа, ЕВН Хоме предложи зголемување за 3,96%, додека РКЕ одлучи истата да се корегира за 2,50%.
“Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергенсите кои РКЕ ги регулира или контролира, како и до сега така и денес ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ЕВН ХОМЕ. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата кои користат електрична енергија во прв и втор блок ќе се зголемат за 2,59 %, додека оние кои што имаат потрошувачка и во трет блок – сметката ќе се зголеми за 2,79%. “ изјави Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ.
РКЕ оценува дека ЕВН Хоме го има применето тарифниот систем, но во предлог – одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите. Регулаторот има за цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимаваме да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64% од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, додека скоро 21 % им се тарифира и во втор блок, додека третиот блок го користат 1,73 % од потрошувачите.
