Во 2025 година загубите на вода на национално ниво изнесуваат 63,05% и се помали за 0,16% во споредба со 2024 година – покажуваат податоците од Годишниот извештај за 2025 година за работата на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален (РКЕ).
Намалување од 0,33 m³ има и кај просечната месечна потрошувачка на домаќинствата на вода која во 2025 година изнесувала 12,59 m³. Домаќинствата од југозападниот регион имаат најмала просечна потрошувачка од 8,67 m³, додека во вардарскиот регион е најголема со 15,10 m³.
Фактурираната количина на вода во 2025 година изнесува 36,95% и е практично на исто ниво како и претходната година (36,79%) .
Највисок процент на неприходувана вода има во Југозападен регион од 73,00%, додека најмал процент на неприходувана вода е регистриран во Југоисточен регион 47,88%.
Процентот на покриеност со водоснабдување во 2025 година бележи зголемување во сите региони во споредба со 2024 година, при што најголема покриеност има во источниот регион со 92,58%, додека најголемо зголемување на процентот на покриеност со вода за една година од над 3% е регистриран кај југоисточниот регион и изнесува 87,50%. Станува збор за проширување на мрежата преку нови инвестиции, но влијание во зголемувањето на покриеноста со водоснабдување има и трендот на приклучување на малите водоснабдителни системи од руралните средини и нивното припојување кон големата градска мрежа.
РКЕ во 2025 година има донесено 34 решенија за утврдување на тарифи (опсег) за снабдување со вода за пиење, кои потоа ги одобрува советот на соодветните општини и 9 конечни регулаторни тарифи, што се обврзувачки за примена и се донесени откако советот не го прифатил предложениот опсег на цени.
