Зелен Хуман Град поднесе иницијатива за дислокација на Цементарница Усје

Од:

„Денес до Советот на Град Скопје ја поднесовме Иницијативата за дислокација на Цементарница Усје со која предлагаме Советот јасно да заземе став дека на тешка и високозагадувачка индустрија не ѝ е местото во густо населено подрачје и дека Усје мора да биде дислоцирана надвор од Скопје и надвор од кое било населено место. Со Иницијативата се предлага градоначалникот на Град Скопје овој став да го достави до Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и Собранието, за тие понатаму да постапуваат во рамки на своите надлежности“ соопштија од Зелен Хуман Град (ЗХГ).

Велат „Цементарница Усје е инсталација на тешка и високозагадувачка индустрија (Г1) која со децении функционира во непосредна близина на населени делови на Скопје. Нејзината локација е историски анахронизам и директно е спротивна на уставно загарантираното право на граѓаните на здрава животна средина, како и на современите стандарди за заштита на јавното здравје“.

„Според податоците од Climate Trace – еден од најрелевантните светски извори за следење на загадувањето – Цементарница Усје се вбројува меѓу 10% најголеми загадувачи во светот и класифицирана е како суперемитер на PM2.5 честички. Ова дополнително го потврдува сериозното и долгорочно влијание на оваа инсталација врз квалитетот на воздухот во Скопје. Инспекциските наоди од 2023 година покажаа сериозни системски пропусти во институционалниот надзор. Прифатени се извештаи за емисии со дупки од по 10 часа во 24 часа, спротивно на Правилникот за мерење емисии и тоа од мониторинг станица која самата Цементарница ја контролира. Овие наоди резултираа со кривична пријава поднесена од Град Скопје во јануари 2023 година. И покрај тоа, не следеше ниту забрана за работа, ниту ефективни мерки за драстично намалување на загадувањето, ниту поставување независни мерни станици околу Усје“ стои во соопштението на ЗХГ.

Посочуваат дека „во септември 2025 година Министерството за животна средина предложи, а Собранието усвои, закон со кој за првпат во историјата на Македонија индустриското загадување беше класифицирано како „деловна тајна“ – закон кој беше поздравен и позитивно оценет од Усје. Ова јасно укажува на институционален неуспех и откажување од заштита на јавниот интерес“.

„Скопјани со години протестираат против работењето на Усје, а на 25 декември повторно е закажана граѓанска блокада. Поднесената иницијатива е придонес на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за конечно започнување институционален процес за дислокација на еден од најголемите загадувачи, откако сите надлежни институции континуирано потфрлаат во своите законски обврски. Ако Инспекторатот, Министерството, Собранието и Обвинителството не постапуваат, Советот на Град Скопје – како најблизок до граѓаните и директно задолжен за заштита на нивното здравје – има и право и обврска да испрати јасна и силна политичка порака.

Секоја тешка и загадувачка индустрија мора да биде дислоцирана надвор од Скопје, град кој со години е меѓу најзагадените во Европа и во кој секоја година предвреме умираат илјадници луѓе, меѓу кои и деца. Оваа иницијатива е застанување рамо до рамо со жителите на Скопје, во нивна одбрана, во заштита на јавното здравје и во одбрана на правото на чист воздух. Додека функционерите се прогласуваат за ненадлежни ние умираме. Доста ги слушаме нивните празни зборови! СЕКОЈ е должен да ги штити животната средина и природата и секоја институција на државата е со Устав задолжена да обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина!“ е ставот на Зелен Хуман Град.

Би можело да ве интересира

ЗХГ: Министерството за животна средина со децении противзаконски толерира трујачи

Горан Наумовски

ЗХГ: Критикувавме кога требаше, поддржувавме кога требаше и затоа успеавме да оствариме тон успеси

Зелен хуман град: Зошто постои МВР?

Граѓаните протестираат, партиите кои се менуваат на власт се обвинуваат за загадувањето

Во Скопје втор протестен марш против аерозагадувањето

Катерина Ѓуровски

Во Скопје протестен марш против аерозагадувањето

А1он