Во обемна полициска акција што се спроведува од ноќеска, уапсен е Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги. Заедно со него приведени се уште неколку лица, а извршени се и претреси на повеќе локации низ државата.
Дардишта е кадар на ДУИ и во изминатите години извршувал повеќе раководни функции во државната администрација. Најпознат е по мандатот како директор на Управата за водење на матични книги, а подоцна беше именуван и за управител во ЕСМ Дистрибуција.
Според досегашните информации, акцијата е насочена кон сузбивање на организирана криминална група осомничена за кривични дела од областа на корупцијата и економскиот криминал.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја потврдуваат акцијата и информираат дека таа се одвива на повеќе локации во државата.
„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ–МВР од ноќеска спроведуваат активности на повеќе локации во Скопје и Куманово, поради постоење на основано сомневање за сторени кривични дела од финансиско-економска природа. Повеќе детали ќе бидат споделени по завршување на теренските активности“, соопштија од Обвинителството.
