Поранешниот премиер Никола Груевски, кој повеќе години e во Унгарија се обрати со нова објава на социјалните мрежи се осврна на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и на неговиот претходник Зоран Заев, обвинувајќи ги дека, како што наведува, се раководеле од финансиски интереси и настапувале дволично во политиката.
Во објавата, Груевски тврди дека и двајцата политичари „едно зборувале дома, а друго правеле надвор“, додавајќи дека нивните потези биле мотивирани од личен интерес. Тој пишува дека „се закануваат, навредуваат и глумат“, убедени – како што наведува – дека нема да има последици.
Груевски посочува дека, доколку Јавното обвинителство отвори истрага, „лесно може да започне и со успех да заврши“, алудирајќи на можни злоупотреби поврзани со финансиски средства.
Во продолжение, тој реагира и на партиските реакции од СДСМ, оценувајќи дека наместо демант, добил „навреди и омаловажувања“. Груевски обвинува дека партијата избегнува да зборува за „грешките што ги правела и ги прави“, за алчност и за – како што тврди – дволичен однос кон јавноста.
Во постот Груевски вели:
Во вчерашната моја фб објава со наслов “КО О ЧЕМУ, ЗАЕВ И ФИЛИПЧЕ О ПОШТЕЊУ” отворив неколку теми и ги предизвикав овие два лика од насловот да одговорат на одредени прашања и информации.
Првата тема беше околу дволичноста на Зоран Заев, познат по тоа што секогаш го води исклучиво финансискиот интерес.
Тој оддамна во политиката се позиционираше, а така ја позиционира и од него контролираната СДСМ, а денес само формално водена од Венко Филипче, како про-украински, про-западни, про-европски и истовремено со силни антируски ставови.
За време на владеењето на СДСМ Македонија донираше голема количина оружје на Украина набавено од пари од буџетот на Македонија кој се полни од даноците кои ги плаќаат сите граѓани.
Поранешната министерка во владата на Заев безмалку и “објави војна” на Русија, а нејзината претходничка веќе е и заменик генерален секретар на НАТО.
Сите заедно покажаа силна подготвеност доколку треба да се испрати и македонска војска во одбрана на Украина, доколку така се одлучи во НАТО или ЕУ.
Добро познато е на јавноста и кој го инсталираше Заев на власт како марионетска влада во 2017 година.
Но, во позадина, “ербап-европеецот” спремен да прати туѓи деца на фронтот, на големо во стотици милиони рубљи секој месец врши трговија со руско железо и челик, односно купува евтино железо од Русија, чија цена е пониска заради силните западни санкции кон Русија, и прави зделки во кои сите имаат заработка, и продавачите од Русија и купувачот фирма на Заев.
Така кажано со сегашниот наратив на европските политички лидери, тој заради лично богатење учествува во зајакнување на финсирањето на Русија, и приватно како Заев-бизнисмен тој всушност ја финансира војната во Украина, но не Украина.
Значи за Украина официјално даваше подршка со парите на сите граѓани и ако затреба и сите така решат и со жива сила, а за целите на лично богатење тој е во тесна соработка со компании од Русија, кој фирми од тие заработки плаќаат даноци во буџетот на Русија.
Ова го пишувам со цел уште еднаш да покажам за каква тешка дволичност, неискреност, недоследност и непостојаност станува збор кај овој човек кој секогаш па и денес едно зборува а друго прави.
Најважно за него е да го зголеми личното конто, другото сѐ што треба ќе каже и ќе направи, ќе одглуми, ќе пофали, ќе попушти, ќе се умилкува, ќе заражи каде смее, ќе истури бес некаде, ќе лаже, ќе става рака на срцето, па макар и тие што го донесоа на власт да ги измами, а знаеме дека него народот не го донесе на власт.
За волја на вистината ова не му е прв пат и датира од периодот пред да дојде на власт, уште додека беше опозиција, кога наутро потпишуваше договори и продаваше разни зеленчуци и други производи од неговите компании, на компании во Русија, а веќе на пладне држеше прес конференции обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека била про-руска партија и напаѓајки ја Русија.
Филипче како негов бизнис партнер, сопатник во возење луксузни мотори и луксузни јахти, и негов најдоверлив соработник во СДСМ, знае за сето ова, и Заев ја има неговата подршка. Интереси се во прашање.
Втората тема беше предизвикот кон Венко Филипче да покаже документација дека навистина златната виза во Дубаи, ја добил затоа што бил на ум да го напушти македонското здравство и да замине како лекар-печалбар во Дубаи, а не како содружник во фирми на Заев со скриена за јавноста сопственост.
Како што беше логично Заев да демантира дека во сред период на санкции на западот кон Русија, кои тој громогласно ги подржува, а во позадина прави бизнис и многу пари со руските компании, така беше логично, документите и лиценците кои вчера ги наведов дека се предуслов за еден лекар да добие златна виза во Дубаи, Венко Филипче денес демантирајќи ме, да ги презентираше на јавноста.
Молкот по ова прашање, практично беше потврда дека тој не добил златна виза како лекар, туку како инвеститор.
Законите во Обединетоте Арапски Емирати бараат барателот на златна виза на основ инвестиција, да има инвестирано во таа земја најмалку 550.000 американски долари, износ што Филипче како лекар во македонскиот здравство можел да ги заработи доколку 40 години работел и не трошел ниту денар од неговата плата, односно доколку почнал да оперира на девет годишна возраст и притоа да не трошел пари од платата за храна, облека и слично.
Тоа е всушност и причината зошто Венко Филипче мораше да ја лаже јавноста дека не добил златна виза како бизнисмен-инвеститор, туку како лекар.
Тој нема документи со кои дошол до таа виза како лекар-печалбар во обид, бидејќи не било така. Тоа се документи кои во најголем дел ги издаваат државните институции во ОАЕ, а на крајот доаѓа договорот со болницата чие име никогаш не го кажа, ниту пак го презентираше договорот со истата.
“Прилично етички, морално и чесно”, од овие два лика кои уште се силат, се закануваат, напаѓаат, навредуваат, лажат, и глуметарат до бесвест, убедени дека никој ништо не им може.
А да сака ОЈО да го истражи ова, многу лесно може да започне и со успех да заврши истрага.
Затоа што, сето ова не е само лажење на народот, на што сме оддамна навикнати од вакви ликови, туку и манипулирање со поголеми суми на пари, чие потекло тешко ќе се докаже.
И конечно, третиот предизвик беше само едно потсетување од периодот на ковид кризата, кога премиерот и министерот за здравство на земјата која последна во Европа набави вакцини (погодете која!), неуспешни се обидуваа да ги набават вакцините од Кина, со намера нивна лична заедничка фирма да ги препродаде, односно да ги купи од производителот во Кина со дозвола на кинеските власти, и да ги продаде на државата чии министер за здравство и премиер се токму “славните трговци”.
Ова не можат и да сакаат да го негираат. Тие не го демантираа ни кога се објави и беше афера во времето кога се откри а тие беа власт.
Тоа беше во време кога сите мислевме дека министерот за здравство и премиерот на државата силно се борат да обезбедат вакцини за спас на граѓаните кои наивно им положиле верба со огромен број гласови на изборите во 2020 година, во онаа прва фаза кога вирусот беше многу смртоносен. А тие всушност се бореле тоа да биде нивна лична бизнис зделка, но заради техничко не исполнување на условите на фирмата, не ја добиле зделката. Цело МНР знаеше за планот за зделката откако одредени дипломати дошле да информираат околу некои околности.
По три недели секојдневни јавни, директни прозивки и небулозни напади врз мене од овие два лика, дека сум сакал или сум барал војна преку мојот текст објавен на ФБ на 12 ноември годинава со наслов “ТАПАНИТЕ НА ВОЈНАТА ПОЧНАА ДА ЧУКААТ ВО ЕВРОПА”, по три недели лепење етикети за некакви измислени милиони, милијарди, трилиони.., за некакво мое всушност непостоечко раководење со раководството во врвот на власта, овие измамници денес се скрија зад партиско соопштение полно со навреди и лични омаловажувања, лаги и клевети против мене, сите одамна слушнати од нив во јавноста. А ниту збор, ниту демант за глупостите кои ги правеле и ги прават, за алчноста со која влегле во политиката, за дволичниста и кон народот и кон оние кои ги донеле на власт, за своите валкани чекори во минатото и денес.
