Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека присуството на двајца полицајци со поранешниот претседател Никола Саркози за време на неговиот престој во затворот Ла Санте е оправдано поради „значајни закани“ и неговиот статус.
Саркози, кој отслужува петгодишна затворска казна за неговата улога во заговор за финансирање на неговата претседателска кампања од Либија, е држен во самица, но под 24-часовен надзор од двајца полицајци, што предизвика изненадување кај затворскиот персонал, објави BFM TV.
„Тој е граѓанин како и секој друг, но постојат посериозни закани што го засегаат поранешниот претседател на Републиката“, изјави Нуњез за CNews и Europe 1, додавајќи дека истите полицајци биле задолжени за заштитата на Саркози пред неговото притворање.
Полицајците го придружуваат Саркози за време на сите активности во затворот – прошетки, посети на лекар, во теретана и се во непосредна близина на неговата ќелија.
Нуњез нагласи дека лично ја донел одлуката, во договор со министерот за правда, со цел да се обезбеди дополнителна безбедност, покрај стандардните мерки на затворската администрација, пренесува Танјуг.
Во меѓувреме, најавата за можна посета на министерот за правда Жералд Дарманин на Саркози предизвика остра реакција од главниот обвинител на Касациониот суд, Реми Хајц, кој предупреди дека тоа може да „ја поткопа независноста на судството“.
Апелациониот суд ќе го разгледа барањето на адвокатите на Саркози за негово ослободување во следните два месеци, што би можело да овозможи негово ослободување пред Божиќ.