Откриена дипломатска драма: Како Ердоган го спречи Нетанјаху да дојде на самитот за Газа

Од:

Откажувањето на учеството на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на самитот за палестинскиот појас Газа во египетското одморалиште Шарм ел Шеик не е последица на верски празник, како што тврди израелската страна, туку на директен дипломатски притисок од Турција, тврдат извори од Анкара.

Според АФП, неименуван турски дипломат рекол дека претседателот Реџеп Таип Ердоган инсистирал Нетанјаху да не присуствува на самитот и дека благодарение на турскиот дипломатски ангажман, со поддршка на неколку арапски лидери, израелскиот премиер на крајот бил принуден да ја откаже својата посета.

Според турските медиуми, Ердоган дознал за време на летот за Египет дека Нетанјаху планира да учествува на состанок за иднината на Газа. Неговиот авион тогаш, според изворите, кружел над Црвеното Море, а екипажот одбил да слета додека не се потврди дека израелскиот премиер нема да биде присутен.

Турската државна агенција Анадолија објави дека Ердоган директно го контактирал египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси во текот на летото и предупредил дека ќе се врати во Анкара ако Нетанјаху слета во Шарм ел Шеик. Дури по потврдата дека израелскиот премиер ја откажува посетата, авионот на Ердоган слетал.

Иако Кабинетот на израелскиот премиер го објасни отсуството на Нетанјаху како „празник на Симхат Тора“, информирани извори тврдат дека тоа не е вистина. Наводно, немало разговори со ултраортодоксните партии за евентуално откажување на патувањето, а одлуката е донесена по дипломатски консултации со американски и израелски претставници.

Според весникот „Израел Хајом“, Турција дури и го изразила своето незадоволство до Вашингтон затоа што одлуката за поканата на Нетанјаху претходно не била координирана со Анкара. По серија разговори меѓу американски и израелски претставници, било заклучено дека доаѓањето на Нетанјаху ќе предизвика бојкот од неколку арапски држави и дополнително ќе ги комплицира напорите на претседателот Доналд Трамп да одржи „мировен самит за Газа“.

Ирачката делегација потврди дека Ирак ќе одбие да учествува на самитот доколку Нетанјаху биде присутен. Советникот на ирачкиот претседател Абдул Латиф Рашид, Али Мусави, изјави дека слични закани упатиле и други арапски држави, сметајќи го израелското присуство за неприфатливо во време кога регионот сè уште се опоравува од уништувањето во Газа.

Така, одлуката на израелскиот премиер да го откаже патувањето, иако поканата дојде директно од претседателот Трамп, спречи дипломатска криза пред состанокот.

Дипломатски извори наведуваат дека неколку земји во регионот сè уште не се подготвени за „револуционерните иницијативи“ на Трамп и дека е потребно повеќе време за да се подготви теренот за поширок мировен процес што би го вклучил Израел.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Како ќе се разоружува Хамас, кој ќе управува со Газа, што ќе прави Нетанјаху – многу непознати по примирејто

Катерина Ѓуровски

Трамп: Не е само крај на војната, туку е и крај на теророт

(ВИДЕО) Трамп пристигна во Израел, го пречека Нетанјаху

ВИДЕО: Првите камиони со помош конечно влегоа во Газа

Катерина Ѓуровски

Хамас нема да учествува во потпишувањето на мировниот договор во Египет

Протекоа американски документи: Во екот на војната во Газа, арапските земји ја зајакнаа воената соработка со Израел

Катерина Ѓуровски