Професорката Јасмина Денковска од Куманово е добитничка на признанието „Просветен работник за учебната 2024/25 година за средно образование“

Од:

Професорката по информатика, информатичка технологија и програмски јазици, Јасмина Денковска од гимназијата „Гоце Делчев“ Куманово е добитничка на признанието „Просветен работник за учебната 2024/25 година за средно образование“ кое го додели Министерството за образование и наука и Сојузот на просветни работници на Македонија, по повод – Светскиот ден на учителите. Денковска има 25 годишно работно искуство. Признанието ќе ѝ биде дополнителна мотивација да продолжи да создавам современа, креативна и инклузивна настава која ќе ги инспирира младите, и со уште поголема енергија, ентузијазам и визија.

– Признанието, доделено од Сојузот на просветни работници, заедно со плакетата од Министерството за образование и наука за постигнати врвни резултати во остварувањето на целите и задачите во воспитно-образовната работа, за мене претставуваат чест и потврда дека вложениот труд, љубовта и посветеноста кон образованието и учениците навистина имаат вистинска вредност. Тие се симбол на признание за сите години исполнети со труд, креативност и искрена љубов кон учениците и професијата. Истовремено, тие се силна ме поттикнуваат и понатаму да се усовршувам, да воведувам иновативни пристапи и активно да придонесувам кон унапредување и развој на квалитетно образование, вели Денковска.

Професорката вели низ годините се соочувала со бројни предизвици, еден од последните бил недостигот на современи и квалитетни учебници и софтвер приспособен за наставните програми по предметите, што често го отежнувал наставниот процес и барал од професорите дополнителен ангажман и креативност. Во вакви услови, таа и нејзините колеги самите создавале наставни материјали и дигитални содржини за да им обезбедат на учениците квалитетно и современо образование.

-Тоа бара многу време и енергија, но воедно отвора можност за иновативност и професионален раст. Со години немаме учебници по информатичка технологија и програмски јазици, а кои според мене се многу важни предмети во денешно време. Голем предизвик претставува и брзиот развој на технологијата, кој бара постојано прилагодување и усовршување на наставниците. Денешните ученици растат во дигитален свет и очекуваат модерни, интерактивни и визуелно привлечни часови. Затоа, задачата на наставниците е да ја интегрираат технологијата на интересен и едукативен начин, преку дигитални алатки, апликации и онлајн ресурси што ќе ја зголемат мотивацијата и вклученоста на учениците, објаснува Денковска.

За неа лично, предизвик низ годините била и потребата да се одговори на различностите меѓу учениците на нивните индивидуални способности, интереси, стилови на учење и социјални околности, да се одговори трпеливо на секој ученик. За Денковска, најголема мотивација е љубовта кон професијата и кон младите луѓе.

– Ништо не носи поголема радост од тоа да се види како ученикот расте, напредува и со текот на времето станува самоуверен и успешен. Секој нивни успех, секоја искрена насмевка и благодарност се потврда дека трудот има вистинска вредност. Ме инспирира и чувството да бидам пример и поттик за да покажам дека знаењето, трудот и истрајноста отвораат врати и создаваат нови можности. Верувам дека образованието е патување на заемно учење, кое ги обликува и учениците и наставниците. Токму предизвиците ме мотивираат постојано да напредувам, да барам нови решенија и да создадам современа, инклузивна и инспиративна средина во која учениците ќе се чувствуваат охрабрени и подготвени за светот што постојано се менува, додава таа.

Покрај редовната настава, професорката постојано работи на создавање и реализирање нови меѓународни проекти преку кои им овозможува на учениците и колегите да се запознаат со начинот на функционирање на образовниот систем во различните европски земји. Преку овие активности тие добиваат можности за размена на идеи, искуства и добри практики со врсници и наставници од други држави, што придонесува за нивен личен и професионален развој. Ништо помалку важно за неа е пренесувањето на вредности што се обидува да им ги всади на учениците искреност, почит, одговорност, упорност и човечност.

– Верувам дека знаењето е важно, но без овие вредности нема вистински успех. Сакам учениците да разберат дека секој труд може да вроди со плод, дека грешките се дел од учењето и дека најважно е да имаат цели и никогаш да не се откажуваат од нив. Ги учам да ја почитуваат различноста, да бидат толерантни, емпатични и да ја ценат соработката. Истовремено, настојувам да развијат љубов кон знаењето, критичко размислување и свест дека образованието не е обврска, туку можност за личен раст и подобра иднина. Мојата цел е да ги подготвам да бидат одговорни, чесни и доблесни личности кои ќе придонесуваат за подобра иднина на сите нас, вели Денковска.

За признанието, додава дека ѝ е важна поддршката од колегите и семејството, објаснувајќи дека ничиј успех не е индивидуален, напротив, зад него стои тимска работа и разбирање од луѓето, колегите со кои разменува идеи решава проблеми, работиме на проекти и секако поддршката од семејството, што овозможува рамнотежа, сигурност и цврста основа потребна за да се постигне траен и вистински успех.

– На образовниот систем најмногу му недостасува системска поддршка за модернизација и практичност во наставата од една страна и мотивација за учениците и за наставниците од друга страна. Најпрво, потребно е поголемо вложување во современи наставни материјали, софтверски решенија и дигитални ресурси, бидејќи наставата мора да се прилагоди на реалноста во која денес живеат младите. Недостигот на ажурирани учебници, лабораториска опрема и интерактивни алатки го отежнува процесот на учење и ја ограничува креативноста на наставниците. Исто така образовниот систем треба повеќе да се насочи кон развивање на практични вештини, критичко размислување и тимска работа, наместо кон механичко меморирање. Учениците треба да учат преку истражување, да работат на проекти и реални примери кои ги подготвуваат за животот и пазарот на трудот. Многу важно е поголемо вреднување и поддршка на наставниците преку континуирани обуки, професионален развој, фер оценување и подобрување на условите за работа, додава Денковска.

Таа порачува дека наставникот е значајна личност во општеството и има непроценлива улога во формирањето на идните генерации и системот не треба да го третира како пренесувач на знаење, туку и ментор, водич и инспирација за младите луѓе, затоа е важна неговата мотивација, посветеност и љубов кон професијата, без која не може да постои квалитетен образовен систем.

– Најуспешни методи во работата со средношколците, според моето искуство, се оние што ги прават активни учесници во наставата, а не само пасивни слушатели. Денешните ученици имаат потреба од динамична, интерактивна и современа настава што поттикнува критичко размислување и соработка. Особено е ефикасен проектно-базираниот пристап и имплементацијата на STEAM концептот во наставата, преку кој учениците истражуваат реални проблеми, комбинираат знаења од повеќе области и создаваат креативни практични решенија. Јас сум ИТ наставник и во наставата активно ја интегрирам технологијата, овозможувајќи им постојано на учениците практична работа на компјутери и користење на современи дигитални алатки. На тој начин наставата станува поинтересна, интерактивна и подинамична, вели Денковска. Нејзина интенција е да продолжи со реализација на меѓународни проекти преку кои учениците ќе можат да учат преку практични активности, да се поврзуваат со свои врсници од други земји и да развиваат дигитални, комуникациски и еколошки вештини. Во иднина, планира да работам на неколку нови проектни идеи поврзани со вештачка интелигенција во образованието, екологија, одржлив развој и дигитална писменост, како и да подготвам нови наставни ресурси кои ќе ги комбинираат технологијата и креативноста.

– На моите колеги просветни работници би им порачала никогаш да не ја изгубат вербата во моќта и силата на образованието како и во значењето на нашата улога во општеството. Нашата професија не е само работа туку е повик, одговорност и привилегија да ја обликуваме иднината преку знаењето и воспитувањето на младите генерации. Би им посакала да останат истрајни, инспирирани и горди на сè што прават секојдневно, на секој совет што го даваат и на секој ученик чиј живот го менуваат на подобро. Во време кога промените се брзи и предизвиците се големи, најважно е да останеме обединети, солидарни и мотивирани, да продолжиме да учиме и да се поддржуваме меѓусебно за подобро образование, заклучува Денковска.

Би можело да ве интересира

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

Државата е еден од најголемите загадувачи: Над 700 институции користат греење со кое го трујат воздухот, најголем дел се во училишта и градинки

A1on

Професорот што со метален предмет удри ученик во Струга бил проблематичен подолго време

А1он

Професор со метален предмет претепал средношколец

А1он