Димитриеска-Кочоска: Вложуваме напори да создадеме услови за пазарот на капитал

Од:

Министерството за финансии вложува напори да создаде услови за пазарот на капитал, како еден вид мотор на економијата, да работи посилно и постабилно. Тој е извор на енергија за компаниите што сакаат да растат, да иновираат и да отворат нови работни места, затоа нашата цел е да создадеме современ, транспарентен и конкурентен пазар кој ќе ги следи европските стандарди, но и ќе одговара на потребите на домашната економија.

Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која се обрати на отворањето на Годишната конференција на Македонска берза што се одржува во Охрид. При тоа таа истакна дека овој традиционален настан е можност да видиме каде сме, каде одиме и што треба да направиме за да бидеме подобри, односно простор каде се спојуваат новите знаења со искуството, каде домашните компании се среќаваат со меѓународните партнери и каде се раѓаат идеи кои подоцна се претвораат во реални проекти.

Наведувајќи дека домашниот пазар, иако стабилен тој е релативно мал и често недостасува ликвидност, што е клучен фактор кога компаниите бараат долгорочни средства, особено малите и средните претпријатија, министерката потсети дека во август беше направен важен чекор со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за финансии на Македонија, Бугарија, Хрвтска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.

„Со овој чекор ја покажавме нашата решеност да не останеме изолирани, туку да бидеме дел од една поширока регионална мрежа. Со поврзувањето на пазарите им даваме шанса на компаниите полесно да дојдат до капитал, да ја зголемат конкурентноста и да најдат партнери надвор од границите на земјата. На тој начин ние не само што го јакнеме пазарот на капитал, туку и ја поттикнуваме економијата да расте побрзо и поодржливо“, потенцира Димитриеска-Кочоска и изрази надеж дека со регионална соработка, преку потпишувањето на овој Меморандум, ќе се обезбеди поголема дисперзија за тргување, односно ќе се зголеми и обемот и квалитетот на тргувањето.

Пред присутните истакна дека паралелно се работи и на регулаторната рамка и дека се усвоени измени на два клучни закона во оваа област – Законот за финансиски инструменти и Законот за проспект и транспареност на издавачите, а со цел сите учесници да имаат доволно време да се подготват и предвидената реформа да се спроведе квалитетно.

„Сакаме системот да биде стабилен, доверлив и да работи во интерес на сите. Да ги искориститем сите можности кои се отвораат пред нас, да се поврземе повеќе, да си веруваме повеќе и да бидеме посмели во нашите чекори“, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Годишната конференција е традиционален настан којшто го организира Македонската берза, а на кој учествуваат претставници на клучни чинители на финансискиот сектор.

На отворањето на Конференцијата се обратија  министерката Димитриеска-Кочоска, извршниот директор на Македонска берзата Иван Штериев и претседателот на Комисијата за хартии од вредност Бујаре Абази.  Во воведниот дел за предизвиците на монетарната политика во услови на зголемена неизвесност говореше гувернерот на Народната банка Трајко Славески и главниот извршен директор, НЛБ Љубљана – Словенија Блаж Бродњак.

Би можело да ве интересира

Како до паметна инвестиција: Анхоч со водич за избор на лаптоп, таблет или десктоп за 2025 година

СДСМ: Три месеци по ред се намалува просечната плата – стандардот на граѓаните опаѓа

ЕДС Инфо поинт: Просечната цена на струјата на HUPX берзата за петок 26.09.2025 изнесува 100,09 евра за мегават час, на МЕМО 93,80 евра за мегават час

Претседателката на КХВ м-р Бујаре Абази на Берзанската конференција во Охрид: „Пазар во чекор со Европа – за сите нас и за идните генерации“

Новите врнежи ќе ја зголемат влагата во почвата, земјоделците да продолжат со грижата за посевите

Усвоен Извештајот за финансиската стабилност за 2024: Финансискиот систем е отпорен на шокови