(ВИДЕО) Филипче: Итна одговорност и оставки од министерот за здравство и министерот за внатрешни работи

Од:

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска силно ги нападна изјавите на премиерот Мицкоски дека државата била цел на хибриден напад организиран од странски центри на моќ. Тој предупреди дека ова е злоупотреба на безбедносната сфера во државата од страна на врвот на власта.

„Мислам дека ниту еден премиер до сега не се осмелил вака да ја потресе ситуацијата во однос на безбедносната сфера на земјата, ниту пак да ги злоупотребува безбедносните инструменти во земјата“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче истакна дека ако изјавите на Мицкоски за хибридни напади биле точни, институциите морале веднаш да реагираат.

– Ако беше така како што кажува премиерот, ако навистина сме под напад или закана на некои хибридни напади или некои странски центри на моќ, тогаш прво, требаше да заседава Советот за безбедност, требаше на терен да излезе Армијата, требаше на терен и во јавност да излезе Министерот за одбрана, требаше да се активираат сите безбедносни служби во државата, требаше да се извести НАТО како наш стратешки партнер. Ништо од тоа не се случува, посочи тој.

Според него, власта на ВМРО-ДПМНЕ нема понудено ниту едно вистинско решение за ниту еден проблем.

„Од оваа влада не видовме ниту едно решење на ниту еден проблем, ниту едно предлог-решение на овие сериозни проблеми кои што се напластуваат изминатите година и пол, како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е на власт“, додаде тој.

Заклучи дека целата нарација на премиерот е „пиаровска драма“ со која се покрива неспособноста на власта да реагира во кризни ситуации.

„Сето ова, на што премиерот се вади, е практично само една пиаровска драма. Нема никаква акција да се решат проблемите и ова е навистина доказ за едно дилетантско водење на државата. Практично, овој тим нема капацитет државата да ја води како што треба“, изјави Венко Филипче.

Филипче, во одговор на новинарско прашање повика на итна одговорност и оставки од министерот за здравство и министерот за внатрешни работи, поради, како што рече, несоодветното справување со пожарот во депонијата во Трубарево и загрозувањето на здравјето на граѓаните.

„Треба да си поднесе оставка министерот за здравство. Ги излажа граѓаните дека воздухот не е загаден – и како го докажаа тоа? Треба одговорност и оставка да поднесе министерот за внатрешни работи. Најави дека треба да се евакуираат луѓето, а понатаму владиниот портпарол рече дека никој не се јави во Центарот за згрижување, кој што го ослободиле тука во непосредна близина. Значи, немало соодветна евакуација, иако најавиле дека треба да ја има“, изјави Филипче.

Тој нагласи дека е неопходна детална анализа на сите институции и депонии кои што функционираат во државата, со цел да се превенира евентуална следна еколошка или здравствена криза.

„Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што точно се случува во тој сектор“, праша Филипче, додавајќи дека Владата не презела ништо конкретно по овие прашања.

Воедно, тој посочи дека е потребна темелна анализа и на работата на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои тврди дека не ги исполниле ветувањата дадени пред четири години.

„Зборуваа за расчистување на депониите и изградба на паркови на тие места. Ајде да видиме до каде се со таа работа. Дали воопшто почнале да реализираат дел од тие ветувања? Еве завршува мандатот на нивните градоначалници. Сè што ветија е полошо, и сега гледаме трагични ситуации кои сериозно го загрозуваат здравјето на граѓаните“, додаде претседателот на СДСМ.

Би можело да ве интересира

Филипче: СДСМ нема свои кандидати за градоначалници во општините Кичево и Струга

ВМРО-ДПМНЕ: Кој и зошто му го даде на Филипче тендерот за модуларната?

СДСМ: Владата на Мицкоски е најодговорна за еколошката катастрофа што се случува со пожарите

Филипче бара медицински преглед за сите жители во и околу Трубарево, особено за оние кои биле директно изложени на чадот и токсичните гасови

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче бара граѓаните да седат дома, а со Герасимовски се забавува на партиски концерти, врв на лицемерието на СДС

(ВИДЕО) Филипче: Зошто не дозволувате декласификација на сите материјали поврзани со случајот со АНБ?