Аналитичар: Беспилотните летала во Полска се дел од стратегијата на Путин за „сечење салама“

Од:

Невидените руски напади со беспилотни летала врз Полска се и тест и предупредување. Како ќе реагираат Европа и НАТО може да биде одлучувачки за безбедноста на целиот континент, пишува аналитичарот на Скај њуз, Доминик Вагорн.

Кремљ долго време користи тактика позната како „сечење салама“ – серија мали потези кои сами по себе не се доволно провокативни за да предизвикаат решителен одговор, но на крајот ќе донесат големи промени.

Москва постепено ги зголемува влоговите во последните недели. Во Киев, Британскиот совет и институција на ЕУ беа цел на напад, а авионот на висок европски функционер се соочи со блокирање на GPS сигналот. Секој поединечен инцидент само предизвика реторички реакции од Западот, додека Русија премина нови црвени линии и се охрабри себеси да преземе нови чекори.

Путин веќе ја користеше оваа тактика во 2014 година кога го окупираше Крим со помош на „малите зелени луѓе“. Двосмислените воени и дипломатски маневри потоа доведоа до брза окупација на полуостровот, додека бавната и неодлучна реакција на Западот ја запечати неговата судбина.

Овој пат, тврди Вагорн, рускиот претседател посегнал по „поголемо парче салама“ – напади со беспилотни летала врз Полска.

Дроновите соборени на полска почва – меѓу нив и оној пронајден на поле во близина на градот Мнишков на истокот од земјата – не се само провокација, туку и директен тест за подготвеноста на НАТО да го примени Член 5 од Алијансата.

Русија нападна членка на НАТО, а сојузниците веруваат дека тоа било намерно. Сепак, се поставува прашањето дали Алијансата навистина ќе го активира принципот „сите за еден“ и ќе одговори воено на Русија. Веројатно не. Отсуството на конкретен одговор би оставило впечаток на слабост, а Путин би извлекол заклучоци од тоа и би го испланирал својот следен потег.

Заканите за санкции веројатно повторно ќе се слушнат, но треба да се запомни дека тие не ја спречија руската инвазија ниту ја принудија Москва да се повлече. Единствените мерки што сериозно би влијаеле на Кремљ се оние што американскиот претседател упорно одбива да ги одобри – санкции за трговија со руска нафта.

Дроновите на Путин не се само тест, туку и предупредување. Неговата порака е: дали Западот воопшто сака да ризикува подлабоко вклучување во оваа војна, вклучително и можноста за испраќање свои војници во Украина по евентуално примирје?

Ако сега е тешко да се одговори на напад со беспилотни летала, што би се случило ако Русија ги употреби хибридните методи за кои е мајстор – двосмислени и тешко докажани напади што би го отежнале работењето на Алијансата?

Кремљ испраќа сигнал: бидете внимателни што правите и размислете внимателно пред да ги испратите вашите војници во Украина, заклучува Вагорн.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Брутална акција на француската полиција, апси секој што блокира, нападнати се и новинари

Сибиха: Руските дронови над Полска покажуваат дека Путин се извлекува неказнето

Голем дел од дроновите со кои беше нападната Полска се лансирани од Белорусија

Полска нема докази дека биле соборени беспилотни летала од руско потекло, тврди Москва

Туск: Ова е провокација од големи размери

Калас: Влегувањето на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор било намерно