Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џ. Д. Венс, изјави дека февруарската пресметка во Овалната соба со украинскиот претседател Володимир Зеленски била „добра за американскиот народ“.
Во интервју за „Ју-Ес-Еј Тудеј“, Венс рече дека дискусијата, иако невообичаена за јавноста, открила важни разлики во пристапите на американската и украинската страна.
„Дали би сакал да видам јавна дебата во Овалната соба? Не мора. Но, беше добро за американскиот народ да ја види“, рече потпретседателот.
Тој потсети дека Вашингтон и Киев делат голем број заеднички интереси, но и некои несогласувања. Венс беше особено критичен кон политиките на администрацијата на Џо Бајден, истакнувајќи дека милијарди долари биле испратени во Украина за време на неговиот мандат „без вистинска цел и без вистинска дипломатија“.
„Бајден немал план да го заврши конфликтот. Украина станала бездна во која Америка фрлала пари по секој проблем, без конкретно решение“, нагласи Венс.
Инцидентот во Белата куќа се случил на 28 февруари за време на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Зеленски. Во присуство на новинари, размената на мислења ескалираше во отворена расправија. Според медиумските извештаи, Трамп го прекори Зеленски за „непочитување на САД“, додека Венс истакна дека украинскиот лидер заборавил да му се заблагодари на Вашингтон за финансиската и воената помош.
После тоа, планираната прес-конференција беше откажана.