Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Штип, каде што присуствуваше на презентацијата на новопристигнатата опрема од САД во касарната „Јане Сандански“, истакна дека апсолутно никогаш нема да се повлечат од преговори со Европската Унија и оти цел на оваа Влада е државата да стане дел од Унијата.
Мицкоски одговараше на новинарско прашање да даде коментар околу иницијавата поднесена од поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска до Уставниот суд за оспорување на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, за што Уставен отвори предмет, при што упати дека за тоа најдобро е да се праша поранешната пратеничка, но и да се почека одлуката на Судот.
-Апсолутно ние никогаш нема да се повелечеме од преговорите со ЕУ, тоа не е цел на оваа Влада, напротив наша цел е да бидеме дел од ЕУ. Околу поднесокот на поранешната пратеничка Поповска таа треба да ви даде одговор, да почекаме Уставниот суд да донесе конечна одлука поврзана со таа иницијатива, рече Мицкоски.
Уставниот суд завчера информира дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
Подносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Поповска бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право(1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.
-Според наведеното во иницијативата Протоколот е во спротивност со Уставот, бидејќи не е ратификуван во Собранието, не е објавен во дадениот уставен рок во „Службен весник на Република Северна Македонија”. Дополнително, се тврди дека е во спротивност со членовите 6-16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори бидејќи не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување, стои во наводите на иницијативата.
Во иницијативата, како што информираат од Уставен, е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Параламентот туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија. Се тврди дека за разлика на процедурата спроведена во Република Северна Македонија која ја оценува како нетранспарентна и со пропусти, бугарската собраниска Комисија за текстот на Протоколот дискутирала уште на 23.06.2022 година, еден месец пред министрите за надворешни работи на двете земји да го потпишат Протоколот, а потоа на седница на 24.06.2022 година го усвоила целиот пакет од Францускиот предлог за почеток на преговорите со Северна Македонија со имплицитно вградениот Протокол.