Со одбивањето на двата амандмана од СДСМ за ребалансот на Буџетот на денешната собраниска Комисија за финансирање и буџет, власта покажува дека нема слух за основните проблеми на граѓаните, оцени пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски на прес-конференција по седницата на Комисијата која ја заврши амандманската расправа по ребалансот.
-СДСМ пристапи сосема одговорно и во функција на потребите на граѓаните. Она што беше приоритет, тоа го понудивме во овој ребаланс на Буџетот и констатацијата дека власта нема слух за основните проблеми на граѓаните, ниту демократски капацитет да ги сослуша забелешките, да ги разгледа внимателно предлозите и врз основа на тоа да се носат одлуките. Уште еднаш се покажа дека извршната власт, односно Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ја контролира пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, рече Спасовски.
СДСМ на денешната седница на Комисијата поднесе два амандмана кои се однесуваа за поддршка и помош на настраданите и нивните семејства и повредените од пожарот „Пулс“ во Кочани и за справување со пожарите.
-СДСМ и Коалицијата денеска поднесоа два клучни собраниски амандмани, како што претходно најавивме и кои се однесуваа на две приоритетни работи во државата. Еден амандман беше за поддршка и помош на настраданите и нивните семејства и повредените од пожарот „Пулс“ во Кочани со кои финансиски средства треба да заврши исплатата на оштетата, меѓутоа и сите други потреби кои ги имаат оваа категорија на граѓани. Ова беше амандман кој што беше и шанса да пратиме порака за соработка, порака за единство, меѓутоа и порака за солидарност со граѓаните. Да покажеме дека институциите се тука, кога им се најпотребни на граѓаните, како што во овој момент се потребни на граѓаните на Кочани. Вториот амандман што го поднесовме беше за справување со пожарите. Оваа Влада покажа крајна некапацитетност во однос со справувањето со пожарите. Секојдневно имаме пожари и немаме реакција од надлежните институции на соодветно ниво. Затоа ни се случија низа пожари, ни се случи човечка жртва, ни се случија целосно изгорени стопански капацитети, куќи на граѓаните, викенд куќи итн, рече тој.
Спасовски смета дека нема поголем приоритет од тоа, како што рече, сите заедно да обезбедиме финансиски средства преку овој ребаланс коишто пред се ќе значат зголемување на бројот на пожарникарите и на нивните плати заради тоа што ако пожарникарите се добро мотивирани тогаш и заштитата ќе биде на едно соодветно ниво.
-Овие беа пари со коишто можеше да се обезбеди и дополнителна опрема, тоа што е потребно и за кое сите заедно ќе покажеме дека врвните приоритети не познаваат разлики, политики или било какви други. За жал, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не ги поддржаа ниту овие два амандмани како врвен приоритет, а имајќи во предвид дека сите други амандмани коишто сметавме дека не се приоритет, односно не можат да бидат ваков приоритет каков што се амандманот за Кочани и за пожарите, ги повлековме токму во таа функција, да понудиме две приоритетни области во кои сите заедно ќе успееме да се соединиме или да пружиме рака за соработка. Мислам дека во Собранието денеска се пропушти уште една можност, уште една шанса да покажеме единство и да покажеме дека проблемите на граѓаните и она што ни се случува сега во државата ни бидат заеднички приоритет, рече Спасовски.