Околу 2.100 лица од екипите за итни случаи од 10 држави, ги бараат луѓето кои се водат како исчезнати во поплавите што најтешко го погодија округот Кер во централен Тексас, соопштија денес локалните власти.
Екипите за пребарување и спасување бараат 161 лице кое исчезна во округот Кер, каде што бројот на жртви од поплавите од 4 јули се искачи на 96, вклучувајќи 36 деца, објави „Тексас трибјун“.
Поплавите предизвикани од надојдената река Гвадалупе одзедоа 24 животи во пет други окрузи во централен Тексас.
„Всушност, тоа е исто како да се бара, полека да се пребарува низ урнатините, да се бара сè… што може да се спаси и какви било тела што можат да се извлечат“, рече Џералд Дворкин, консултант за спасување на вода, кој е и поранешен директор за безбедност на Американскиот Црвен крст во Хјустон.
Дворкин рече дека секој ден што поминува значително ги намалува шансите да се пронајдат живи исчезнатите во поплавите. Службениците претходно изјавија дека никој не е пронајден жив од петокот, кога се случија поплавите.