Во македонскиот КИЦ во Загреб отворена изложбата „The Vlatko Stefanovski Experience”

Од:

Вчера пред многубројната хрватска публика во македонскиот КИЦ во Загреб беше отворена изложбата ,,The Vlatko Stefanovski Experience” во чест на 50-години кариера на легендарниот гитарист. На изложбата е претставен избор на концертни фотографии кои евидентираат различни фази од кариерата на Влатко Стефановски потпишани од Ангел Ситновски, Стефан Рајхл, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ – автори кои со години го придружуваат Стефановски на неговите бројни настапи и турнеи во Македонија, Хрватска и пошироко.

Покрај фотографиите, изложбата вклучува и промотивни материјали поврзани со соработката на Стефановски со „Теохаров аудио“, со кои заеднички ги дизајнираа познатите звучници „леџендари“ – технолошки и дизајнерски напредни уреди што добија голема популарност.
Автор на изложбата е Ненад Георгиевски, познат по долгогодишната работа како музички новинар кој посетил огромен број концерти, направил интервјуа со големи музички ѕвезди, а голем дел од интервјуата ги објавил за значајни светски музички медиуми. Според Георгиевски, „Влатко е уметник кој постојано докажува дека звукот може да биде и емотивен компас и културен идентитет“.

Изложбата ја отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека , „низ објективот на овие фотографи, се отвора единствена визуелна архива која ја следи солистичката кариера на Влатко Стефановски – од раните соло настапи, преку бројните музички соработки, па сè до денешните концерти кои продолжуваат да ја пленат публиката со својата виртуозност и изразена емоција“.
Бројната публика преку видео снимка ја поздрави и легендарниот гитарист, Влатко Стефановски.

На отворањето на изложбата присуствуваа, г-ѓа Маријана Петир, пратеничка во Собранието на Р. Хрватска, г-н Горан Божиновски, вршител на работите во македонската амбасада, протоереј ставрофор Кирко Велински, парохиски свештеник на Македонската православна црква во Хрватска, претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска, г-ѓа Зорица Велиновска, член на Советот за национални малцинства и заменик на Советот на македонското национално малцинство во градот Загреб, претставници на Заедницата на Македонците во Хрватска, претставници на дипломатскиот кор во Република Хрватска, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани како и Македонци кои живеат, односно работат или се школуваат во Загреб.

Би можело да ве интересира

Изложба на фотографии во чест на 50 години соло кариера на Влатко Стефановски во Загреб

Реновирање да, друго не, порача Влатко Стефановски за Универзална, покрената и петиција за спас на салата

Маја Илиевска-Пачемска

Сенатот на Универзитетот ФОН донесе одлука за доделување на почесен докторат на Влатко Стефановски

Наум Локоски