„Додека граѓаните на Општина Центар секојдневно се соочуваат со урбан хаос, нефункционални сервиси и затворени јавни простори, градоначалникот на СДСМ во заминување, кој ја бетонизираше Општина Центар, зад себе остава траг на недомаќинско работење, сомнителни јавни набавки и милионски трошоци што не даваат резултати“, рече на денешната прес конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов.
„Државниот Завод за Ревизија утврдил сериозни слабости во финансиското работење на Општина Центар за 2023 година. Според Извештајот општината има ненаплатени побарувања од над 4,4 милиони евра, без утврдена рочна структура или правна можност за наплата.
Дополнително, во делот на јавните набавки се констатирани бројни неправилности кои го нарушуваат принципот на конкуренција и
транспарентност, предвидени во законот за јавни набаки“, додаде Мемов.
„Во продолжение ќе изнесеме неколку скандали:
СКАНДАЛ број 1: Детската градинка „Пролет“ – 218 милиони денари за
објект без законска основа. Проектот започнат со договор од 154 милиони
денари, завршил со 218 милиони денари, преку серија анекси без
документирано техничко и економско оправдување.
• 30 милиони денари за „непредвидени“ работи, без образложение зошто тие
не можеле да се планираат однапред.
• Промени во проектот – без дополнување на основниот проект, без
согласност од проектант, без правна ревизија.
• Нема проект на изведена состојба, ниту целосна ревизија на сите
проектни фази. Ова не е само административен пропуст – ова е флагрантно
кршење на Законот за градење и потценување на граѓаните.
СКАНДАЛ број 2: Реконструкција на ул. Аминта Трети – 43 милиони денари
за улица со нефункционален водовод
Цели 43 милиони денари, со дополнителен анекс од 6 милиони, биле
потрошени за реконструкција на улица каде:
• ЈП Водовод и канализација одбива да ја преземе новата мрежа, поради
низа технички грешки.
• Новиот водовод не е поврзан со постојните системи, што, како што вели
јавното претпријатие, „ја губи смислата на проектот“.
• Не е спроведен технички прием, ниту е извршен катастарски упис –
објектот де факто не постои за државата.
• Договорот дозволува казнување и активирање на гаранција, но општината
не презема ништо!
Скандал број 3: Гориво без трага и докази
Исплатени се 888.000 денари за гориво – со налози што немаат податоци за
дестинација, цел, или авторизација. Нема фискални сметки, нема
записници, само фактури од добавувачи. Притоа, нема ниту еден акт што
уредува како и кога се користат службените возила. Правилникот за тоа е
донесен дури во текот на 2024 година – предоцна за да се прикрие
направената штета.
Скандал број 4: Адвокатски услуги платени како месечна претплата за
Netflix
Во текот на 2023, Општина Центар платила 984.000 денари на три
адвокатски друштва врз основа на паушални месечни надоместоци. За овие
исплати не постојат конкретни извештаи, докази или спецификации за тоа
што точно е сработено. Законски, адвокатите имаат право на надомест само
по основ на извршена работа – но овде, очигледно се плаќа за
„дежурство“, а не за услуга“.
Портпаролот Мемов нагласи дека ова не е само нестручност.
„Ова е хроничен институционален немар, при што парите на граѓаните се трошат како да се ничии. Сето ова е опфатено во ревизорскиот извештај за 2023 година. Замислете само што ќе се открие за 2024 – година во која градоначалникот во заминување, свесен за сопствената неспособност и неминовниот изборен пораз, уште порелаксирано и понетранспарентно ги
троши јавните пари.
Време е да кажеме: Доста е. Центар заслужува нов почеток. Со отчетност.
Со законитост. Со работа, а не само глума и facebook спотови“, рече тој. Тој на денешната прес конференција на Движењето ЗНАМ – За наша
Македонија информираше и за одржувањето на две панел дискусии на кои сите функционери од ЗНАМ ќе дадат отчет за сработеното како дел од владата во изминатата година, што ќе се одржат на 28 јуни 2025 година, а го најави и претстојниот Конгрес на партијата што ќе се одржи во недела на 29 јуни 2025 година и на кој ќе бидат избрани претседател, Централен и Надзорен одбор со мандат од четири години.
Запрашан дали Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги има утврдено кандидатите за градоначалници, меѓу кои и за општина Центар, Мемов одговори:
„Преговорите со владиниот партнер, ВМРО-ДПМНЕ се во тек и се одвиваат во духот на постигнување на договор за взаемна поддршка. Ставот на Движењето ЗНАМ за настап на овие локални избори е дека ние ќе настапиме самостојно со свои советнички листи во сите градови во Македонија кадешто имаме општински организации, а таму каде што немаме ќе објавиме јавен оглас за кандидирање на кандидати за советничките листи, додека во делот на градоначалничките места разговорите со ВМРО-ДПМНЕ одат во насока на взаемна поддршка. Таму каде што ќе има кандидати на ЗНАМ нема да има кандидати на ВМРО-ДПМНЕ. Центар е една од општините која е
предмет на разговорите“.