Пет можни сценарија како ќе одговори Иран на израелскиот напад

Од:

Израел го нападна Иран во текот на ноќта. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување на ураниум во Натанц, а експлозии се слушнале и во Техеран.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац прогласи вонредна состојба низ целиот Израел. Иранците испратија околу стотина дронови кон Израел, но израелската армија објави дека ги соборила сите. Од друга страна, Иран попладнево демантираше дека воопшто испратил дронови. САД предупредија дека конфликтот со Иран би бил хаотичен и би можел да го вовлече целиот регион во војна, но Израел сепак одлучи да нападне.

Иако Иран е сериозно ослабен од санкциите и е сè повеќе изолиран во последните години, тој сè уште има капацитет да го дестабилизира регионот и светската економија. Британскиот „Тајмс“ наведе пет можни сценарија за одговорот на Иран.

Прво сценарио: Иран возвраќа со ракетни напади врз американските бази и Израел

Иран поседува илјадници ракети со среден дострел способни да погодат американски бази низ целиот регион – вклучувајќи ги базите во соседниот Ирак и воздухопловната база Ал-Удеид во Катар. Во 2020 година, откако иранскиот воен командант Касем Сулејмани беше убиен од американски беспилотни летала, Иран бомбардираше бази со американски војници во Ирак. Во тоа време немаше американски жртви бидејќи базата беше евакуирана на време по предупредување од Иран. Денес, нападот може да биде многу поширок – насочен кон повеќе бази истовремено, користејќи ирански сојузници и посреднички групи во Ирак и Јемен, што би го отежнало пресретнувањето на ракетите.

Второ сценарио: Иран напаѓа нафтени полиња во регионот

Блискиот Исток произведува околу 30 проценти од светските резерви на нафта, главно во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт. Во септември 2019 година, напад со ракети и беспилотни летала врз саудиски нафтен објект – за кој Саудијците го обвинија Иран – го преполови производството на нафта во земјата и привремено отстрани 5 проценти од светските резерви од пазарот.

Иако Иран оттогаш се приближи до Саудиска Арабија и другите држави во регионот, тој сигнализираше дека може да ги таргетира нафтените полиња во регионот доколку неговите нуклеарни објекти бидат нападнати. Предизвикот за Израел и САД би бил да неутрализираат што е можно повеќе ирански ракетни батерии во првиот бран напади, со цел да се намали ефектот од евентуален ирански одговор.

Трето сценарио: Иран го блокира поморскиот сообраќај во Персискиот Залив

Персискиот Залив е клучен за глобалниот транспорт на нафта – до 30 проценти од светските залихи минуваат низ Ормутскиот теснец. Конфликтот би можел да го парализира поморскиот сообраќај по таа рута.

Британската поморска агенција UKMTO (United Kingdom Marine Trade Operations) веќе издаде предупредување до бродовите во регионот да бидат внимателни. Во минатото, Иран минираше и напаѓаше бродови во областа за да изврши притисок врз земјите од Заливот и САД.

Четврто сценарио: Иран директно го напаѓа Израел

Иран претходно се закани со нови напади врз Израел доколку израелските сили ги нападнат неговите нуклеарни објекти. Во октомври, како одговор на бомбардирањето на Израел врз иранските ракетни и воздушни одбранбени објекти, Иран испука бараж од ракети кон Израел.

Повеќето од тие ракети беа пресретнати од израелската воздушна одбрана со помош на САД, Велика Британија и Франција, но неколку ракети сепак ја погодија својата цел – тие паднаа на воен аеродром каде што се сместени флота израелски борбени авиони Ф-35, само неколку стотини метри од седиштето на израелската разузнавачка служба Мосад.

Петто сценарио: Сојузниците на Иран се приклучуваат на конфликтот

Хезболах, долгогодишен клучен ирански сојузник, играше улога во одвраќањето на Израел од напад со децении, но групата е значително ослабена, како и Хамас во Газа.

Иран останува силно поддржан од јеменските Хути, кои редовно испукуваат ракети кон Израел, како и од вооружените групи во Ирак, кои нападнаа и израелски и американски цели во Ирак и Сирија.

Би можело да ве интересира

Тајани: Иран не смее да поседува нуклеарно оружје

А1он

Пакистан ветува поддршка за Иран: Ги повикува муслиманите да се обединат против Израел

А1он

Иран лансираше нов трет бран балистички ракети кон Израел

Израелски новинар: Слушнавме многу гласни експлозии. Не беше пријатно

ВИДЕО: Познати целите кои Иран ги ракетираше во Израел

Предраг Петровиќ

Дописник на американскиот Скај њуз: Иран се обидува да ја преоптовари израелската „Железна купола“