Националната установа Завод и Музеј-Битола од денеска е побогата за 300 книги, подарок од семејната библиотека на Кирил Македонски, автор на првата македонска опера „Гоце“, кои на Музејот во Битола ги донира неговата ќерка Пламенка Македонска.
Донацијата од семејството Македонски ја прими директорот на НУ Завод и Музеј-Битола, Зоран Николовски.
– Долго размислував кому и каде да го предадам овој материјал. Имам голема доверба во стручните соработници, во оваа институција која има посебно место во чувањето, заштитата и презентирањето на македонското културното наследство, истакна меѓу другото Пламенка Македонска, која во битолскиот Музеј донира ексклузивен материјал за Кирил Македонски, еден од најзначајните македонски музички творци, роден во Битола, воедно автор на камерни творби, но и композитор на музиката за филмот „Македонска крвава свадба“.
Во просториите на НУ Завод и Музеј-Битола од денеска се повеќе 300 книги од семејната библиотека, 20 регистратори со ретки документи, 3 семејни фото албуми, опери, партитури, либрета, писма, оперети за деца, хорски дела, симфонии, филмска и драмска музика, детски песни, ретки списанија, плакати за настани, дипломи, награди, лични предмети, лични документи и друг материјал на Кирил Македонски кој како што е познато почина на 2 јуни 1984 година.