Во колумната, инженерот Виктор Грозданов го критикува стратешкиот документ на МАНУ како целосно промашен и недостоен за институција која треба да ја води научната и стручната мисла во државата.
„Апелирам до сите лидери на политички партии — и парламентарни и вонпарламентарни — да испратат јасна и недвосмислена порака до почитуваната г-ѓа Сања Божиновска, министер за енергетика, рударство и минерални суровини: ДА ЈА ОДБИЕ оваа стратегија, која во делот за металични и неметалични суровини нема допирна точка со реалноста“, пишува Грозданов.
Дополнително, Грозданов укажува дека македонската стратегија воопшто не се базира на светскиот тренд на критични минерали, иако ЕУ, САД и другите големи сили активно работат на проширување на домашното производство на минерали клучни за енергетската транзиција.
„Двете верзии на стратегијата имаат една цел – исполнување на желби на поединци. Ќе се осврнам на два аспекта: Прво, се наведува дека постојат реализирани странски инвестиции. Но, во стратегијата се набројуваат само геолошки истражувања – тоа е само првиот чекор. Истражувањата не значат рудник. Рудник значи изградба, опрема, вработување, вложувања од стотици милиони евра и директен ефект врз макроекономијата и стабилизацијата на денарот. Второ, „Паметно рударство“ завршува со точка: „Приватност на податоците“. Во рударството, приватноста важи само за почетните геолошки истражувања. Штом се добијат резултати, тие стануваат јавно достапни – како што веќе направија потенцијалните инвеститори за Иловица-Штука, Казандол и Генезис. Единствен исклучок се ретките метали од стратешко значење, кои државата може да ги класифицира како државна тајна. За жал, авторот на оваа стратегија не разбира дека има луѓе кои читаат, размислуваат и се образовани. И тоа не може да го потисне ниту со ‘дворски игри’’, пишува Грозданов во колумната.
Во колумната тој повикува на итно преиспитување на документот и вклучување на вистински експерти.