Јужнокорејските тренери ги обвинија кинеските натпреварувачки и нивните тренери за скандалот со „местење на резултатот“ во мечот во женски парови во бадминтон меѓу репрезентациите на овие две земји.
Кинеските први почнаа, а нашите бадминтонки тоа го прифатија, изјави главниот тренер на Јужна Корејс, Сунг Хан-кок.
Делегацијата на Кина не реагираше на ова обвинување, но се извини за инцидентот, по кој дури осум бадминтонки од репрезентациите на Кина, Јужна Кореја и на Индонезија беа дисквалуфикувани и исклучени од натамошното натпреварување на Олимпијадата.
Меѓународната федерација во бадминтон ги казни овие спортистки за нефер игра и за настојување намерно да се загуби мечот, за да се добие полесен противник во следното коло.
Мечот меѓу бадминтонките на Кина и Јужна Кореја, кој го предизвика скандалот, изобилуваше се нефер однесување, при што натпреварувачките се трудеа која ќе направи повеќе намерни грешки, намерно сервирајќи го топчето во мрежата или исфрлајќи го надвор од теренот, што предизвика судијата на неколку пати да побара од спортистките да почнат „вистински да играат“.
Публиката реагираше со негодување и свиркање кога виде дека натпреварувачките од двете екипи не сакаат да победат, а реагираше уште побурно, кога сето тоа се повтори и во следниот меч, меѓу вториот пар на Јужна Кореја и на Индонезија.
Местењето на резултатот во Бадминтон е првиот ваков скандал на едни Олимписки Игри. Голем дел од публиката во салата во Вембли арената, каде се одржуваат мечевите во овој спорт, побараа од Организациониот комитет на Игрите, да им ги компензира и врати парите, кои ги дале за влезниците. Според нивното објаснување тие платиле за мечеви на кои немало игра, па тие практично и не се одржале, но комитетот го одби таквото барање.