По серијата протести организирани по убиството во сообраќај на Фросина Кулакова, Министерството за внатрешни работи го објави на ЕНЕР Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Овој предлог-закон, кој беше (делумно) достапен за коментари на веб-страницата на ЕНЕР, носи некои позитивни промени, но исто така има простор за подобрување.
Позитивни измени во предложениот закон
Некои од предложените измени се добредојдени, како што е исклучувањето на одредени дела од прекршочна одговорност и нивно квалификување како кривични дела. Ова се однесува на сериозни прекршоци како управување со возило под дејство на дрога, возење без возачка дозвола и прекумерно прекршување на брзински ограничувања, кои сега ќе се третираат како кривични дела.
Исто така, предлагањето на мерки за забавување на сообраќајот во населени места, особено на државни патишта кои минуваат низ населени места, се смета за важен чекор напред за заштита на животот на пешаците и велосипедистите.
Една од посебните позитивни измени е воведувањето на можноста за системи за автоматско снимање на сообраќајни прекршоци, што ќе помогне во зголемување на безбедноста и контролата на патиштата.
Предлози за дополнителни измени
Меѓутоа, предлозите на некои организации, како „НаТочак“, укажуваат на потребата од дополнителни промени и подобрувања на законот.
Забрана за користење на електронски уреди: Во предложениот закон е предвидена забрана за користење на електронски уреди како слушалки, паметни часовници и мобилни телефони за возачи на велосипеди и електрични тротинети, но не и за возачи на автомобили. Оваа забрана треба да се прошири и на возачите на моторни возила, со цел рамноправно третирање на сите учесници во сообраќајот. Исто така, казните за возачите кои губат контрола над воланот од 2-тонско возило кога користат електронски уреди и можат да одземат туѓи животи и казните за пешаците кои можат само себе да си наштетат, не смеат да бидат исти.
Пешачка и велосипедска инфраструктура: Од НаТочак предложија да се воведат дефиниции за велосипедска улица и велосипедски пат, како и да се дозволат (секако со одобрени сообраќајни проекти) велосипедски ленти во спротивна насока од текот на сообраќајот (contra flow ленти) во Законот, со цел да настане навремено усогласување со Правилникот за велосипедска инфраструктура кој треба да се донесе наскоро. Исто така предложија дека треба да се воведат посебни стандарди за време на вршење градежни работи, со цел да се избегне загрозување на пешаците и велосипедистите, најранливите учесници во сообраќајот. Инвеститорите на градбите неретко целосно ги зафаќаат тротоарите, а пешаците и велосипедистите се движат необезбедено ни од автомобилите, ни од градежните работи. До овој момент под времен режим на сообраќај во проектите се подразбираше само сообраќајот на автомобили, не и на пешаци и велосипеди. НаТочак дава предлог тоа да се промени.
Брзински ограничувања за спасување животи: Во контекст на зголемување на безбедноста, предложено е ограничување на брзината од 30 km/h на голем број улици во урбаните средини, што е во согласност со препораките на Светската здравствена организација и праксата во многу европски држави и градови. Студиите покажуваат дека при овие брзински ограничувања, ризикот од смртност при удар на пешак е значително намален (90% шанса за преживување од удар при брзина од 30 km/h, за разлика од ударот при брзина од 50 km/h – 15% шанса за преживување). А брзината 50km/h смее да се користи како ограничување само за оние улици кои имаат издвоени и функционални тротоари и/или велосипедски патеки и на кои е поставена сигнализација и улично осветлување.
Внимателно отворање врати на автомобили со спротивната рака (Dutch reach): НаТочак предлага возачите и патниците да не смеат да ги отворат вратите од возилото ако тоа го попречува или загрозува движењето на други учесници во сообраќајот, особено велосипедисти и корисници на електрични тротинети. Оваа мерка е одговор на растечката употреба на микромобилни средства во урбаните средини и зголемената опасност од инциденти кои се случуваат кога возачите или патниците не обрнуваат доволно внимание при отворањето на вратата. Иако слични одредби постојат во европските и други меѓународни законодавства, нашето законодавство се уште ја нема препознаено оваа тема.
Ова се само дел од предлозите. Сите предлози заедно со образложенијата ги има тука: https://natochak.blogspot.com/2025/05/blog-post.html и тука
Проблеми со веб-страницата на ЕНЕР
Веб-страницата на ЕНЕР, која е наменета за доставување на коментари и предлози за регулатива која е во процес на менување, покажува извесни нефункционалности. Претставници на „НаТочак“ изразуваат загриженост дека, иако нивниот коментар бил поднесен навремено, тој не бил објавен на веб-страницата на ЕНЕР.
Тие упатуваат апел до Министерството за информатичко општество и администрација да го подобри корисничкото искуство и да се осигура дека коментарите на граѓаните и експертите ќе бидат видливи и земени предвид од Министерството за внатрешни работи при финализирањето на законот.
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам