Поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко, лидер на партијата „Татковина“ ќе ја предводи партиската листа на обединетата опозиција на изборите за Врховната Рада во октомври, одлучи денеска во Киев конгресот на седумте партии од обединетата опозиција.
Тимошенко во моментов отслужува седумгодишна затворска казна под обвинение за злоупотреба на должноста при склучувањето на договор за гас со Русија во 2009 година.
Челните места на листата, формирана од Конгресот, зеземаат и Арсениј Јаценок, кој го раководи Советот на обединетата опозоција, Олександар Турчинов, шеф на нејзиниот изборен штаб и поранешниот министер за внатрешни работи Јуриј Луценко, лидер на партијата „Народна самоодбрана“, кој исто така е во затвор за злоупотреба на власта.
Доколку победи на изборите опозицијата гарантира дека политичките затвореници ќе бидат рехабилитирани, а виновниците за политичките репресии ќе бидат казнети.
Предизборната програма на обединетата опозиција, како што се наведува во декларацијата на конгресот има за цел да го отстрани сегашниот режим на власта и да изгради цивилизирана социјално ориентирана држава.
Денеска е првиот ден од предизборната кампања во Украина, а конгреси имаат закажано и други политички сили – владејачката Партија на регионите, комунистите и Партијата на зелените.
Социолозите прогнозираат дека во новиот Парламент ќе влезат околу пет партии, колку што и во моментов има во Радата. Како фаворити се сметат актуелната власт, обединетата опозиција и партијата на боксерот Виталиј Кличко, Украинска демократска алијанса за реформи (УДАР). Во Парламентот може да влезат и Комунистичката партија и националистичкото здружение „Свобода“.