Фрлената ракавица се уште кај Велјаноски

Од:

„Барањето на опозицијата ќе биде разгледано“, и толку. Спикерот Велјаноски се уште в рака ја држи фрлената ракавица од опозицијата за да свика итна собраниска седница по Самитот во Чикаго. Опозицискиот фронт бара и задолжително присуство и обраќање на претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Никола Груевски.

Зад предлогот стојат 42 пратеника, но тоа не ја замислува власта, за нив седница со точка на дневен ред „Дефинирање на идниот план и активности на државниот врв за исполнување на стратешките приоритети и интереси на граѓаните за интеграција на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, по Самитот на НАТО во Чикаго“, едноставно нема смисла. Пораките кои беа упатени од страна на премиерот Никола Груевски, но и поддршката од целокупната јавност биле јасни, прецизни и недвосмислени.

И уште ги подучија колегите, да си прашаат се што сакаат наредниот четврток на седницата за пратенички прашања.

Шефот на државата и првиот во Владата ,можат и треба да се обратат секогаш пред народните избраници, а тоа значи пред јавноста, секогаш кога се работи за важни прашања.

Но очигледно за нив беше доволен одговорот преку пошта од премиерот и изјавите на Иванов и протоколарните соопштенија за куси средби на маргините на самитот. Можеби шефот на државата ќе сакаше да каже нешто за жестоката, маратонска дипломатска битка која ја водел Претседателот Иванов во неофицјалниот дел на НАТО самитот во Чикаго, како што пренесе еден медиум.

Можеби ќе сакаат да појаснат од каде се , колку се реални и што значат информациите на истиот медиум дека државниот врв ја разгледува и опцијата повторно да се обратат до судот во Хаг и да го известат дека неговата пресуда не се почитува.

Има многу прашања, а за собраниска седница, засега се чека како на железничка станица. Денес е празник и пратениците не работат, утре се слободни и ќе се растрчаат на блиски средби со гласачите, сабота и недела се денови за одмор, понеделник е интерпелацијата на првиот финансиер Ставревски. А и нема за што велат да се брза.

Во рацете на Трајковски е одлуката кога и дали воопшто ќе ја закаже итната седница. Така пропишал деловникот. А таму и не пишува дали првиот меѓу еднаквите, претседателот на Собранието, како што бара опозицијата, треба да се осмели и да го стори тоа.

Катерина Цаневска Арсовска

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година

Милошоски: Измени на Кривичниот законик за намалување на ризиците поврзани со членството во СЕПА

(ВИДЕО) Опозицијата го критикува вториот ребаланс на Буџетот: Висок дефицит и намалени капитални инвестиции

Законот за јавни набавки повторно во Собранието, поднесени 2.158 амандмани

Катерина Ѓуровски

За измените на Законот за јавни набавки поднесени 2.158 амандмани, ВМРО-ДПМНЕ бара бришење на членот оспорен од претседателката Сиљановска Давкова

САД, Украина и Русија подготвуваат конкретни предлози за трилатерални преговори