Премиерот Никола Груевски, кој ја предводи македонската државно-црковна делегација во Италија, денеска во Ватикан беше примен од поглаварот на Римокатоличката црква Бенедикт Шеснаесети, во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
На аудиенцијата, премирот Груевски на папата му подари икона.
Во Ватикан во тек е тет-а-тет средба на Груевски со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчизио Бертоне.
По аудиенцијата кај понтифот и средбите во Ватикан, во црквата „Свети Климент“ во Рим ќе биде одржан молебен на гробот на Свети Кирил, кој се одржува по 44-ти пат.
Во рамки на културната програма во чест на Свети Кирил, делегацијата предводена од премиерот Никола Груевски вечер ќе го посети музејот „Монтемартини“, каде ќе присуствува на отворањето на изложбата „Антички теракотни фигури од Македонија“ во организација на Музеј на Македонија, како и на концертот на Ана и Игор Дурловски во пијано придружба на Александро Д‘ Агостини.
http://www.youtube.com/watch?v=llgToxHgPkU
Во состав на државната делегација се вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Вида и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска.
Во црковната делегација се митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, митрополитот европски Пимен и скопскиот бискуп Киро Стојанов.