Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, кој е под притисок на меѓународната заедница да вложи повеќе напори во справувањето со корупцијата, претстави амбициозен список од реформи, кои им наложуваат на министрите, обвинителите и другите претставници на судскиот систем да се борат против земањето мито и непотизмот.
Декретот на претседателот им дава инструкции на авганистанските официјални претставници како да ги „исчистат“ канцеларијата на главниот обвинител и судовите од пролонгираните случаи поврзани со корупција и како да ги изведат пред суд корумпираните службеници.
Карзаи нагласи дека високи владини претставници или нивните роднини немаат право да заработуваат од договори за проекти за обновување на земјата.
Тој ги повика министерствата и другите државни служби редовно да изготгвуваат извештаи за напредокот по серија прашања, а во таа смисла и за проблемот за движењето по улиците на Кабул.
Во документот со реформи сепак не се посочува кој ќе плаќа за „прочиствувањето“ на администрацијата од корумпираните службеници, ниту какви казни ги очекуваат оние кои нема да ги почитуваат наредбите.
Политичкиот аналитичар Џавид Кохистани тврди дека листата со реформи нема да ја спречи корупцијата и нагласи дека авганистанскиот претседател задоцнил со предложените реформи.
Земјите донатори на Авганистан долго време изразуваат загриженост поради корупцијата во авганистанската Влада. Помошта, која беше ветена претходно овој месец во Токио во износ од 16 милијарди долари е обврзана со нов мониторинг, кој ќе гарантира дека парите не се одлеваат од корумпирани службеници и оти се користат наменски.
Во декретот на Карзаи меѓу другото е содржана забрана на владини претставници да назначуваат роднини и нивни пријатели на функции во државната администрација или да се обидуваат да влијаат врз оние, кои ги вршат тие назначувања.
Авганистанскиот Врховен суд, пак, треба во следните шест месеци да ги финализира сите дела, поврзани со корупцијата, незаконско присвојување на земјишта и убиства, за кои се претпоставува дека се извршени од политички причини.
Предвидено е зголемувањето на платите и назначувањата во авганистанската армија и полицијата да се соопштува во претседателството, со цел да се избегне непотизмот.
Планирано е исто така за девет месеци сите судови, кои не работат, во сите 34 провинции и над 300 региони на земјата да профункционираат.
Декретот на Карзаи содржи и две кампањи, една за намалување на насилството против жените, а другата за остварување на национално единство во Авганистан, кој е составен од различни племиња и етнички заедници.