Актуелниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека Европската унија мора да се согласи да купи американска енергија во вредност од 350 милијарди долари ако сака да ги избегне широките царини наметнати од неговата администрација. Така тој ја отфрли понудата на Брисел за укинување на царините за автомобили и индустриски стоки.
Вчера вечерта, на прес-конференција во Белата куќа, Трамп реагираше на изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која претходно истиот ден рече дека ЕУ е подготвена да ги укине сите царини за увоз на автомобили и индустриски производи од САД, доколку Вашингтон го стори истото.
Запрашан од новинарите дали смета дека таа понуда е доволна за да се намалат тарифите, Трамп рече: „Не, не е“.
„Имаме дефицит од 350 милијарди долари со Европската унија и тој брзо ќе исчезне“, рече Трамп. „Еден начин тоа брзо и едноставно да исчезне е тие да мораат да ги купат нашаите енергенси… ако ги купат, можеме да ги извадиме тие 350 милијарди за една недела. Тие мора да купат и да се обврзат да купат еднаква вредност на енергија.
Фон дер Лајен ја даде понудата откако Трамп минатата недела воведе царини од 20 отсто за производите на ЕУ, како и најмалку 10 отсто за стоки од други трговски партнери. Како одговор, глобалните пазари загубија трилиони долари, а европските берзи во понеделникот го забележаа својот најголем еднодневен пад од почетокот на пандемијата „Ковид-19“. „Многу луѓе велат дека вишокот не е важен. За мене тоа значи многу. Тоа е речиси како финансиски извештај, имате добивка или загуба“, рече Трамп.
Американскиот претседател зборуваше од Овалната соба, заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој пристигна во Вашингтон за да разговара со Трамп и да побара изземање на Израел од американските царини. По состанокот, Трамп повторно ја критикуваше ЕУ, но навести дека е отворен за договор – доколку Брисел се обврзе да го намали трговскиот дефицит со Америка со купување американска енергија.
Купувањето американска енергија како начин да се избегнат царините не е нова идеја. Веќе по реизборната победа на Трамп, фон дер Лајен предложи отворање преговори за зголемен увоз на американски течен природен гас (ЛНГ). Но, како што објави Политико, американската страна во тоа време не обезбеди никакви јасни правила за тоа како ќе функционира договорот.
Во понеделникот, Трамп, на прашањето дали наметнувањето на глобалните тарифи е само преговарачки притисок или трајна мерка, рече: „Тоа може да бидат трајни царини, но може да бидат и преговори, бидејќи има работи што ни требаат покрај царините“.
Тој додаде: „Ако можеме да постигнеме навистина фер и добар договор за Соединетите Држави, а не добар договор за другите, ова е Америка на прво место. Сега е Америка на прво место“.
Подоцна на конференцијата, еден новинар го праша дали гледа една или две земји кои се поблиску до намалување на царините, а Трамп ја спомна ЕУ: „Европската унија. Колку и да се однесуваат лошо со нас, изгледа дека ги симнале тарифите од автомобилите. Слушнав дека ги намалиле на 2,5 проценти, можеби на нула“.
Тој, исто така, истакна дека сака ЕУ да ги намали своите стандарди за да може да влезат повеќе американски стоки на нејзиниот пазар, нарекувајќи ги европските безбедносни прописи „непарични царини“.
„Тоа се тарифи каде што ги поставуваат правилата за да не можете да продадете автомобил… Условите и тестовите се толку строги што е речиси невозможно да се продаде“, рече Трамп. „Тие прават правила и прописи со една цел – да не можете да продавате производи во тие земји. И ние нема да го дозволиме тоа. Тоа се таканаречени немонетарни бариери“, рече тој.
Конечно, Трамп објасни што го мотивира: тој се осврна на периодот кога царините беа основата на американската економија. „Знаете, нашата земја беше најсилна од 1870 до 1913 година“, рече тој. “Знаете зошто? Сè беше засновано на тарифи. Немавме данок на доход. Потоа, во 1913 година, некој генијалец дојде до идејата дека собираме даноци од луѓето во оваа земја, а не од странците кои нè ограбуваат”, рече Трамп.