Еден африкански олимпиец кој се наоѓа на подготовки во камповите за тренинг пред почетокот на Олимписките игри, побара политички азил во Велика Британија. Претставник на британскиот Хоум Офис одби денеска да го коментира случајот, објаснувајќи дека министерството нема да реагира на поединечни барања.
Идентитетот на спортистот не е соопштен, ниту се знае од која земја тој е дојден за Олимпијадата, освен што е е потврдено дека тој дошол во полициската станица во Лидс и рекол дека бара азил, за да остане да живее во Велика Британија.
Претставник на полицијата само објасни дека станува збор за спортист од една од земјите во Источна Африка.
Повеќе земји, учеснички на Олимписките Игри што официјално се отвораат утре вечер, имаат свои кампови за аклиматизација во реонот на Лидс, во англиската област Јоркшир. Најголем ваков камп има Кина, чии олимпијци се наоѓаат веќе десетина денови на специјални климатски подготовки.