Според најновото истражување на Центарот за истражување и креирање политики од Скопје, 73,1 отсто од вкупниот број испитанци никогаш не учествувале на демонстрации или протести. Ова покажува мошне низок степен на граѓански активизам и користење на директната демократија како инструмент Владата да се држи одговорна своите постапки.
ЦИКП во рамките на проектот „Застапување за отворена влада: право да знаеш во Југоисточна Европа“, спроведе истражување на репрезентативен примерок од 1100 испитаници со цел да се дознае какви се перцепциите на граѓаните за транспарентноста, партиципативноста, отчетноста на централната и на локалната власт во Македонија.
Истовремено, граѓаните не веруваат ниту во институционалните механизми за влијание и контрола над Владата. Испитаниците беа прашани за неколку механизми и колку тие можат да влијаат врз владините одлуки.
Прашањата се однесуваа на: (1) парламентарните комисии, (2) пратениците, (3) опозициските партии, (4) Државниот завод за ревизија, (5) Народниот правобранител, (6) приватните ТВ станици и печатот, (7) синдикатите, (8) месните заедници, (9) граѓанските групи и невладините организации, (10) Црквата, (11) големите меѓународни компании и (12) домашните бизнисмени и банкари.
Граѓаните сметаат дека бизнисот и политиката најмногу влијаат на Владата. Имено, највлијателни според перцепцијата на граѓаните се меѓународните компании (72,4%), а по нив следат пратениците (68,2%), домашните бизнисмени и банкари (62,3%) и парламентарните комисии (56,5%).
Само 47,3 отсто од граѓаните веруваат дека народниот правобранител има влијание, додека само 23,1 отсто од граѓаните веруваат дека Државниот завод за ревизија (ДЗР) има моќ да влијае на работата на Владата, а според 20 отсто дека има некаква моќ да влијае.
Довербата во Државниот завод за ревизија како котролен орган е помала и од довербата во моќта на Црквата (46,4%), на опозицијата да ја контролира работата на владата (46,3), и на приватните ТВ станици и печатот (45%), а најмала е довербата во синдикатите(36,4%) и нивната моќ да влијаат врз власта.
Од 13 до 30 отсто од граѓаните одбиле да одговорат на овие прашања.
А.Б.