Францускиот министер за внатрешни работи, Мануел Валс, отвори административна истрага за начиниот и условите во кои беше протерана една 15-годишна Ромка од Косово, јави дописникот на МИА од Париз.
Протерувањето било во рамките на процедурата по одбивањето на азил за нејзиното семејство кое живеело во Дубс на истокот од Франција.
Петнаесетгодишната девојка при моментот на апсењето била на училишна екскурзија, за време на која интервенирале силите на редот. Ова апсење предизвика силни реакции во невладините организации и кај дел од партите од левицата, во контекст на силна антиромска кампања кај дел од француските политичари.
Премиерот Жан-Марк Еро изутринава разговарал со министерот за внатрешни работи за условите во кои била протерана оваа девојка на 9 окотмври, по што е одлучено да се отвори административна истрага.